Линкови за пристапност

Трибина во ОМД: 10 години од Солунската агенда


Во Македонија отсуствува политички консензус за храбри решенија, рече поранешниот амбасадор на ЕУ Ерван Фуере

Обединетата македонска дијаспора во Вашингтон организираше форум на тема: „10 години од Солунската агенда за Западниот Балкан“. Главен говорник беше вишиот аналитичар на Центарот за европска политика во Брисел и поранешен амбасадор на ЕУ во Македонија, Ерван Фуере, кој ги наброи придобивките од спогодбата на Унијата во 2003-та: укинувањето на шенгенскиот ѕид, со што беше овозможено слободно движење без визи и Договорите за стабилизиција и асоцијација со ЕУ, при што потсети дека Македонија е првата земја која потпиша таков договор во 2005-та.

Амбасадорот Фуере и премиерот Груевски во Скопје

Амбасадорот Фуере и премиерот Груевски во Скопје

„Мапата на Европа не е целосна без интегрирање на Балканот“, рече Фуере во Вашингтон. Тој истакна дека Србија е следната земја која ќе започне преговори за членство следните шест до осум месеци.

Фуере ги демантира наводите дека во ЕУ се чувствува замор од проширувањето и дека идејата за обединета Европа е мртва. Поранешниот амбасадор на ЕУ во Скопје истакна дека жали што Македонија за прв пат од 2005-та не е спомената во препораките на Европскиот совет. Според него, во Македонија нема доволно политички дијалог и почитување на независните медиуми, а владее политичка поделеност, така што отсуствува секаква јавна дебата за прашања од национален интерес.

Според амбасадорот, сега во својство на искусен аналитичар од Брисел, нема алтернатива за политичкиот дијалог и консензус. Фуере, кој рече дека говори како пријател на Македонија, беше дециден дека во земјата е потребно македонските лидери да преземат ризик за храбри решенија за подобра иднина.
XS
SM
MD
LG