Линкови за пристапност

Гласа дијаспората во САД


По вторпат месецов, Амбасадата на Република Македонија во САД е гласачко место

По вторпат месецов, Амбасадата на Република Македонија во САД е избирачко место. Во дипломатското претставништво во Вашингтон денес дијаспората гласа на вториот круг од претседателските избори, и на парламентарните избори.

„Гласањето во амбасадата започна во 7 часот согласно правилникот. Досега своето право на глас го искористија околу 30 проценти од лицата кои се на избирачкиот список. Засега се` тече без проблем, очекуваме во попладневните часови да се зголеми излезноста“, вели Серџим Мухамед, советник во Амбасадата и претседател на Гласачкиот одбор.
Правото на глас е основно клетка на демократијата и со тоа што нашите граѓани го даваат својот глас на овие избори, се вклучуваат во демократскиот процес во Република Македонија


Амбасадорот Зоран Јолевски го нагласува значењето на гласањето во странство: „Ова е голем ден за македонските граѓани кои живеат во САД, кои денес по вторпат гласаат на парламентарните избори, и првпат гласаат за претседател на Република Македонија. Правото на глас е основно клетка на демократијата и со тоа што нашите граѓани го даваат својот глас на овие избори, се вклучуваат во демократскиот процес во Република Македонија“.

За Гласот на Америка на македонски коментираат и некои од гласачите.

„Ова е голем ден за мене, за Македонија. Празник на демократијата за сите во Македонија, и за Македонците во целиот свет“.

„Би сакал да бидат демократски избори и се` да мине добро. Било кој да дојде на власт, да направи нешто добро за државата, да тргне малку напред“.

„На овие избори очекувам на фер и демократски начин да се изберат претставници кои ќе се борат за подобрување на економската состојба во Македонија, како и подобрување на квалитетот на сите услуги кои ги даваат институциите и очекувам соодветно претставување на државата на меѓународно поле“.

Освен во Вашингтон, во САД денес се гласа во Конзулатите во Њујорк, Чикаго и Детроит, а во Канада во Амбасадата во Отава и во Конзулатот во Торонто.
XS
SM
MD
LG