Линкови за пристапност

Без големи очекувања за зелено светло од Европскиот совет


Реакции по петтата по ред препорака на ЕК за преговори со Македонија

По објавувањето на Извештајот за напредокот од страна на Европската комисија, во јавноста можат да се слушнат најралични оценки, но речиси нема оптимизам дека овој, петти по ред пат, препораката ќе добие зелено светло во Европскиот совет во декември, со оглед на противењето на Грција.

Според професорот Денко Малески, се` уште не може да се направи пробив, бидејќи и двете страни тактизираат. Тој вели - ЕУ се обидува да не ги урне сите мостови со Македонија, да одржи каква-таква комуникација со властите, додека Владата на Македонија пак, се обидува да ги раздвои двете нераскинливи нешта, односно реформскиот процес - за кој самата Влада смета дека е успешен, и решавањето на проблемот со името.

Малески потенцира дека во извештајот се набележани општи работи, познати на сите, но дека Европската унија се обидува да не ги драматизира причините за евентуално раскинување на врската, бидејќи и самата не сака да ги отфрли надежите за враќање на Македонија кон нејзиниот пат кон евроатлантските интеграции.

Со анализа на извештајот истапи Институтот за европски политики.

„Се повторува оценката дека „во задоволителна мерка се исполнуваат политичките критериуми“. Се задржува препораката за преговори, со внимателно формулирање и димензионирање на критиките и препораките. Комисијата останува на ставот дека е потребно решавање на прашањето на името во рана фаза од преговорите. По блокадата на предлогот на Комисијата во Советот од минатата година, Комисијата прави дополнителен обид да добие време за решавање на прашањето на името со тоа што предлага отпочнување барем на скрининг. Новиот пристап на преговорите за поглавјата 23 и 24 (Правосудство и фундаментални правила, правда и внатрешни работи), според кој тие се отворени од почетокот до крајот на преговорите, го напоменува како можност за поголемо влијание за разрешување на клучните реформски прашања, кои ги загрижуваат државите - членки. Тоа јасно имплицира дека во државите - членки постои загриженост за демократските состојби“, се вели во анализата на Институтот за европски политики.

На ред е Европскиот совет во декември да одлучи дали и како ќе ја прифати препораката на ЕК.

Меѓу пратениците во Европскиот парламент нема голем оптимизам.

Известувачот за Македонија во ЕП, Ричард Ховит, сепак смета дека ако се изврши влијание врз земјите - членки преку напредок во реформите околу клучните забелешки во извештајот по однос на правата и слободите, не е исклучено да се дојде до одлука која ќе овозможи преговори. Ховит, исто така, нагласува дека е потребно веднаш да се демонстрира јасна политичка волја за решавање на спорот, која, според овој европратеник, затаила како во Скопје, така и во Атина.

Од своја страна, европратеникот и поранешен шеф на хрватската дипломатија, Тонино Пицула, коментира дека за да се деблокира процесот за решавање на името, потребен е голем ангажман на САД, бидејќи самата ЕУ не може да го стори тоа поради тоа што Грција е земја - членка. Пицула направи паралела со словенечко - хрватскиот спор, за кој рече дека улогата на САД за разрешување на ова прашање била од суштинско значење.

* * *

Редакциско дополнение на прилогот со реакција од САД

Според претставник на Стејт департментот, САД и натаму се посветени на тоа да им помагаат на оние земји кои се обидуваат да ги остварат своите евроатлантски аспирации. Американската влада со нетрпение го очекува денот кога тие земји целосно ќе се интегрираат во европските институции, што, за возврат, ќе ги продлабочи односите и партнерството меѓу САД и тие земји. Американската влада е задоволна што Европската комисија заклучи дека аспирантите за членство направиле значителен напредок кон интеграцијата во ЕУ, наведува претставникот на Стејт департментот.
XS
SM
MD
LG