Линкови за пристапност

Дебата на републиканските претседателски претенденти


Дебата на републиканските претседателски претенденти
Дебата на републиканските претседателски претенденти

Критики за конкурентот Гингрич, но и за претседателот Обама.

Републиканските претенденти за претседателската функција синоќа дебатираа во сојузната држава Ајова, каде за помалку од три недели ќе започнат прелиминарните партиски избори.

Кандидатите во најголем дел од двочасовната дебата го критикуваа конкурентот Њут Гингрич, кој според анкетите има највисок рејтинг.

Гингрич, поранешен претседател на Претставничкиот дом, ја бранеше вмешаноста во Фреди Мек, јавно оцрнетата кредитна компанија за недвижнини. Тој призна дека примил 1,6 милиони долари од компанијата што побара владина помош за да избегне колапс, но тврди дека не вршел политичко лобирање за неа.

Поранешниот гувернер на Масачусетс Мит Ромни, кој водеше во почетната фаза на трката, се фокусираше на претседателот Барак Обама, критикувајќи го за мека надворешна политика и слаба реакција во обидот да го врати беспилотното американско летало од Иран.

Конгресменот Рон Пол, кој се држи солидно според последните испитувања на јавното мислење, ги бранеше конзервативните ставови за надворешна политика. Тој често ги критикува американските воени напори, а за неодамна завршената војна во Ирак кажа дека била „бескорисна.“

Во дебатата учествуваа и гувернерот на Тексас Рик Пери, конгресменката од Минесота Мишел Бахман, поранешниот сенатор од Пенсилванија Рик Санторум и поранешниот гувернер на Јута Џон Хантсман.

Ова беше последна дебата пред почетокот на прелиминарните партиски избори по сојузни држави. Првите ќе се одржат во Ајова на 3-ти јануари.

XS
SM
MD
LG