Линкови за пристапност

Конгресна делегација во посета на Македонија


Го поддржува членството на Македонија во НАТО, без оглед на исходот на Самитот во Чикаго.

Делегација на Конгресот на САД дојде во Македонија за да даде поддршка за зачленувањето во НАТО иако, како што пренесе еден од конгресмените, шансите се мали тоа да се случи на престојниот Самит на Алијансата во Чикаго.

„Сите ние, членовите на конгресната делегација, цврсто го поддржуваме тоа да ја видиме Македонија како членка на ЕУ и на НАТО. Како што рече вчера премиерот, постојат мали шанси да се добие таа покана во Чикаго, но ние ги поддржуваме тие напори, затоа што ја поддржуваме идејата за членство на Македонија“, изјави републиканскиот конгресмен Дејвид Прајс по одвоените средби со претседателот на Републиката Ѓорге Иванов, претседателот на Собранието Трајко Вељаноски и премиерот Никола Груевски.

„Претседателот на Владата се заблагодари за иницијативата која досега е поддржана од страна на 54 американски конгресмени за прием на Република Македонија во НАТО на претстојниот самит во Чикаго, при што посочи дека ваквиот вид поддршка е секогаш добредојден и се цени од страна на Република Македонија“, стои во владиното соопштение за средбата на конгресмените со премиерот.

Груевски, како што се наведува во соопштението ги информирал конгресмените не само за стратешките цели на земјава во поглед на интеграциите во меѓународните организации, туку и за привлекувањето странски инвестивии, спроведувањето на Рамковниот договор и одржувањето на меѓуетничките односи, како и борбата против организираниот криминал, корупцијата, реформите во судството.

XS
SM
MD
LG