Линкови за пристапност

Владиното затворање избегнато со конгресен договор


Владиното затворање избегнато со конгресен договор

Владиното затворање избегнато со конгресен договор

Му претходеа интензивни преговори за разликите меѓу партиите за владините трошоци, дефицитот и даноците

Американскиот Сенат усвои мерка со која привремено се финансира владата и се избегнува нејзино затворање по истекот на тековната фискална година овој петок.

Излегувајќи од партиските линии, пратениците во домот под демократска контрола со 72 гласови „за“ и 12 „против“ одобрија средства владата да продолжи со работа се` до 18-ти ноември. Потегот уследи по неколкудневни преговори зад затворени врати за надминување на разликите меѓу партиите за владините трошоци, дефицитот и даноците.

Сенатот одобри и одвоена, краткорочна мерка за финансирање на владата до 4-ти октомври, но таа мора да мине низ Претставничкиот дом под републиканска контрола, со цел владата навистина да избегне затворање.

Спорот изби минатата недела, кога Сенатот ја офрли мерката на Претставничкиот дом со која владата ќе добиеше пари за непречено работење се` до 18-ти ноември, но истовремено ќе мораше да ги скрати трошоците за да добие повеќе средства за Федералната агенција за вонредни ситуации (ФЕМА).

Пресвртот се случи вчера, кога ФЕМА соопшти дека сепак има доволно за да продолжи со работа се` до петок. ФЕМА претходно кажа дека ќе ги исцрпи средствата порано неделава, со што ќе се загрозеше помошта за погодените од ураганите и земјотресот што неодамна ги погодија САД.

Претседателот Барак Обама на средба со граѓани во Калифорнија вчера кажа дека идеолошките разлики во Конгресот ја спречуваат владата да ги решава проблемите и го повика Конгресот да постапува одговорно.

Се` уште не се знае како ќе реагира Претставничкиот дом, бидејќи неговите членови минатиот петок заминаа на еднонеделен одмор. Тие, сепак, може да ја одобрат краткорочната мерка бидејќи гледано технички, Домот се` уште заседава, иако пратениците заминаа на одмор. Исто така, можно е републиканците да свикаат седница на Претставничкиот дом за да расправаат и за долгорочната мерка што ја усвои Сенатот.

Аналитичарите истакнуваат дека продолжителниот конфликт околу владиното трошење навидум нема да го подобри рејтингот на Конгресот меѓу Американците. Според анкетите, тој е на рекордно ниско ниво од 12%.

XS
SM
MD
LG