Линкови за пристапност

Конгресот во буџетски ќорсокак


Конгресот во буџетски ќорсокак

Конгресот во буџетски ќорсокак

Нова опасност владата да мора да прекине со работа

Републиканците и демократите во американскиот Конгрес повторно заглавија по буџетското прашање што се заканува да ја спречи помошта за погодените од неодамнешните поплави а би можело да доведе и до делумно затворање на владините агенции подоцна неделава.

Сенатските демократи денес имаат средба на која треба да изнајдат алтернатива за седумнеделното одобрение за владините трошоци што минатата недела беше усвоено во Претставничкиот дом каде мнозинство имаат републиканците, но затоа беше одбиено во Сенатот каде доминираат демократите. На сенатските демократи им требаат 60 гласови за да мине нивната верзија на законот за краткорочни владини трошоци.

Петокот, Сенатот ја отфрли мерката што ја предложија републиканците, а што обезбедува помош за погодените подрачја и избегнува делумно затворање на владата. Со неа, владата ќе имаше средства за работа се` до 18-ти ноември, а за помош за природни непогоди предвидуваше 3,65 милијарди долари. Но, сенатските демократи тврдат дека помошта не е доволна и ја критикуваа одредбата за кратење на 1,5 милијарди долари од владините програми за еколошки видови на енергија, тврдејќи дека со неа ќе се затворат неопходно потребни работни места.

Верзијата на демократите, што во меѓувреме собра натпартиска поддршка, предвидува речиси 7 милиони долари за хуманитарна помош, но не и кратење на друго место за да се надомести трошокот. Ако оваа мерка не биде одобрена, Федералната агенција за вонредни ситуации (ФЕМА), која одвојува средства за помош за природни непогоди, би можела да остане без пари за работа.

Ова е по третпат годинава на владата да и` се заканува делумно затворање. Конгресот има рок до петок, 30 септември, што е крај на фискалната 2011-та година, да најде решение за ситуацијата.

XS
SM
MD
LG