Линкови за пристапност

Каква стратегија за заштита на животната средина?


На средба во Охрид раководителите на водечки институции од регионот дискутираат за начинот да се заштити природата

Со учество на претставници на институции од државите на Југоисточна Европа и бројни експерти, во Охрид започна годишната средба на директорите на институциите за заштита на природата во ЈИЕ, на која се разработува Регионалната стратегија за заштита на животната средина.

„Надлежните институции и сектори работат на детектирање на сите проблеми не само во државата, туку и пошироко, така што и ние со нашите законски регулативи тежнееме да се прилагодиме кон европската легислатива“, изјави министерот за животна средина и просторно планирање на Република Македонија Нурхан Изаири.

Според него, целта на средбата е да се поттикне започнувањето на заеднички проекти за заштита на животната средина и да се зацрта заедничката стратегија на сите држави за заштита на животната средина.

Според првиот човек на Заводот за заштита на природата на Словенија, Дариј Крајчиќ, Македонија има значајни природни убавини кои треба да бидат соодветно валоризирани и да се искористат како развојни потенцијали.

„Во Словенија направивме добро во насока на зачувување на животната средина, преку воведување строга легислатива и изградба на силни институции. Не беше лесно. Се боревме со инвеститорите, но успевме да создадеме услови и да наметнеме норми кои оневозможуваат реализација на проекти што не ги исполнуваат предвидените еколошки норми“, рече Крајчиќ.

Директорот на Програмската канцеларија за ЈИЕ при Меѓународната унија за заштита на природата Борис Ерк, нагласи дека секоја од државите има позитивни искуства, секоја има свој модел на организирање на заштитата на природата, и сите држави се соочуваат со одредени проблеми.

„Зачуваната природа значи и стабилна економија во регионот. Одржливиот развој подразбира ускладување на активностите насочени кон заштитата на природата и оние насочени кон економски развој. Тоа не е лесно остварливо, но кога станува збор за заштитата на природата денеска мора да се води сметка за економскиот развој, а истовремено кога се работи на економски развој неопходно е да се води сметка за заштита на природата“, изјави Ерк.

Годишната средба во Охрид е прва од ваков вид на која ќе се разменуваат најдобрите искуства кои треба да придонесат за заштита на животната средина во регионот.

XS
SM
MD
LG