Линкови за пристапност

Клинтон ја пофали Македонија за придонесот во НАТО, но побара решавање на спорот со името

  • Ведран Андоновски

На средбата со колегите од земјите-аспиранти за членство изрази верување дека самитот ќе биде последен на кој не се расправало за проширување.

Американската државна секретарка Хилари Клинтон ја реафирмираше политиката на отворени врати на НАТО на средбата со колегите од Македонија, Босна и Херцеговина, Грузија и Црна Гора.

„Можноста за членство во НАТО се покажа дека е моќна мотивација земјите да применат тешки, но неопходни реформи, да разрешат внатрешни разлики, како и разлики со соседите и да придонесат во безбедносните операции од кои имаат корист тие и сите ние. Нашата политика на отворени врати произведе некои од нашите најпосветени и активни сојузници и помогна да се произведе стабилност и соработка во Централна и Источна Европа. И пошироко, онака како што НАТО растеше, Европа стана побезбедна и попросперитетна“, рече Клинтон.

Говорејќи во својство на претставник на земјата - домаќин на Самитот, Клинтон им порача на аспирантите дека Вашингтон ќе продолжи да соработува со нив, билатерално и преку НАТО. “Верувам дека овој самит треба да биде последен што не е за проширување“, нагласи првиот човек на американската дипломатија.

Задржувајќи се конкретно за Македонија, Клинтон ја нарече токму така - Македонија, но побара решение за спорот околу името, како предуслов земјата да влезе во НАТО.

„Македонија придонесе за регионалната и глобална безбедност, меѓу што и значителниот и долготраен придонес во ИСАФ и ги исполни клучните критериуми за членство во НАТО. Цврсто поддржуваме решение на тековниот спор околу името и ги повикуваме страните да постигнат спогодба, така што Македонија ќе може да се приклучи на Алијансата што е можно побргу“, кажа американската државна секретарка.

На поширок план, Клинтон ги охрабри Босна, Македонија и Црна Гора да продолжат да остваруваат регионални иницијативи, како заедничкиот пристап кон воздушната одбрана, подготвеноста за природни катастрофи и заедничкото распоредување во ИСАФ.

Државната секретарка им порача на аспирантите да не губат надеж на патот до НАТО и им вети помош, бидејќи, како што рече, тоа е во наш интерес. „Знаеме дека процесот може да биде долг и со предизвици, но треба да останеме на него, и да не ја заборавиме нашата крајна цел: посилен, потраен и поефикасен НАТО“, кажа Клинтон, заклучувајќи: “дозволете ни тука во Чикаго да ја реафирмираме нашата заложба кон проширувањето - направено како што треба - како суштински елемент на нашата цел и нашето заедништво“.

XS
SM
MD
LG