Линкови за пристапност

САД ја охрабруваат Грција да продолжи со фискалните реформи


Американската државна секретарка Хилари Клинтон со грчкиот колега Ставрос Ламбринидис во Стејт департментот
Американската државна секретарка Хилари Клинтон со грчкиот колега Ставрос Ламбринидис во Стејт департментот

Средба Клинтон – Ламбринидис во Вашингтон

Грција е долгогодишен и важен сојузник на САД – порача американската државна секретарка Хилари Клинтон пред вчерашната средба со грчкиот колега Ставрос Ламбринидис во Стејт департментот, по најавата од ЕУ за кратење на грчкиот долг.

Во неколкуминутните изјави за новинарите, Клинтон ја потенцираше пожртвуваноста на грчкиот народ во надминувањето на кризата со задолжноста, за која рече дека се заканува да се прошири во други делови од еврозоната. Таа рече дека структурните реформи, зголемувањето на даноците и кратењата што ги спроведува грчката влада за излез од финансиската криза се макотрпни, но неопходни на долг рок, а оти корист од нив ќе имаат пред се` следните генерации.

Според Клинтон, САД и Грција споделуваат исти вредности за стабилноста и просперитетот на Југоисточна Европа, Северна Африка и Блискиот исток. САД очекуваат продлабочување и зајакнување на виталните меѓусебни односи, нагласи таа.

Гостинот од Атина ја нагласи важната улога на САД изминативе месеци во помошта кон неговата земја. „Нашите економии и судбини денес се испреплетени“, рече Ламбринидис.

„Имаме извонредна можност да дискутираме за прашања во нашето соседство и во нашиот регион што обострано не` загрижуваат, а во кои Грција мошне активно е вклучена и има голема желба да биде способна самата, преку ЕУ и со САД, да донесе мир и стабилност што ни се потребни на сите нас“, кажа грчкиот шеф на дипломатијата.

XS
SM
MD
LG