Линкови за пристапност

Американски официјални лица предупредуваат на насилни реакции


Доколку биде објавен извештајот за методите на испрашување на ЦИА во војната против тероризмот

Американски официјални лица предупредија дека планираното објавување на извештајот за методите на испрашување на ЦИА во војната против тероризмот може да предизвика насилство против американските интереси ширум светот.

Извештајот, што се очекува да биде објавен утре, би претставувал прво јавно документирање на наводната употреба на тортура од страна на ЦИА врз осомничени припадници на Ал Каида по терористичките напади врз САД на 11-ти септември 2001-ва година.

Извештајот од 480 страници наводно во детали опишува екстремни техники на испрашување како што се лишување од спиење и симулирање на давење во вода. Нив наводно ги применувале агенти на ЦИА врз притвореници држени на тајни локации во странство.

Републиканскиот конгресмен Мајк Роџерс и поранешниот директор на ЦИА Мајкл Хајден викендов предупредија дека извештајот може да предизвика екстремистите да нападнат американски државјани и објекти во странство. Петокот, Стејт департментот соопшти дека државниот секретар Џон Кери покренал прашање за „пошироките импликации “ за времето на објавување на извештајот. Портпаролката Џен Псаки потенцираше дека голем број на Американци во моментов се наоѓаат во заложништво ширум светот.

Оние коишто го виделе извештајот велат дека разузнавачката агенција ги излажала законодавците и Белата куќа за тоа колку се корисни техниките на испрашување за добивање на информации. Хајден негираше дека ЦИА лажела за испрашувањето. Тој кажа и дека објавувањето на извештајот само ќе ги одврати земјите коишто во минатото соработувале со Вашингтон во војната против тероризмот, да продолжат да соработуваат и во иднина. Но, Дајен Фајнштајн, која раководи со Сенатската комисија за разузнавање, инсистира дека извештајот мора да биде објавен за да се спречи секаква злоупотреба на испрашувањето во иднина.

Амнести интернешенал има објавено дека меѓународните правни обврски за вистината и одговорноста, на коишто се обврзала американската влада, бараат да бидат објавени сите информации за злоупотреба на човековите права, вклучувајќи го и кршењето на меѓународниот закон за тортура.

Претседателот Обама претходно има јавно кажано дека САД „вршеле тортура врз некои лица“.

XS
SM
MD
LG