Линкови за пристапност

Кристофер Хил прави пресек на кариерата во својата нова книга


Промоција во Вашингтон на мемоарите „На истурена позиција: животот во првите редови на американската дипломатија“

Книгата на Кристофер Хил, „На истурена позиција: животот во првите редови на американската дипломатија“ синоќа беше претставена во Центарот за трансатлантски односи при Универзитетот Џонс Хопкинс во Вашингтон.

Поранешниот заменик-државен секретар за Источна Азија, дипломат со 33 години стаж во Стејт департментот, поранешен амбасадор во Ирак, Јужна Кореја, Полска и Македонија и почесен граѓанин на Скопје рече дека неговите мемоари се обид читателот да добие подобра перспектива за некои од најопасните подрачја во светот и битните настани од поновата историја.

За Гласот на Америка на македонски се наврати на најважните моменти од времето како амбасадор во Скопје:

„Се осврнав на фактот дека беше важно Македонија да се држи настрана од конфликтот во Косово. Беше мошне важно американската влада да работи со македонската влада и другите во регионот за да се одржи безбедноста на Македонија во тоа тешко време. За мене, круцијален период во Македонија беше за време на војната во Косово. Еден момент ќе ми остане врежан, кога амбасадата беше пробиена од демонстранти и кога запалија поголем дел од објектот. Тогаш се постави клучно прашање дали да ја затвориме амбасадата или не. Мислам дека донесовме вистинско решение таа да остане отворена“.

Хил вака гледа на Македонија денес: „Има одредена поларизираност. Не говорам за односот меѓу Македонците и Албанците, туку за политичката поларизираност. Македонија има внатрешни прашања со коишто треба да се справи и треба да се решат не само во однос на мнозинството коешто победило на изборите, туку и во однос на оние коишто не победиле. Сите треба да се почувствуваат дека се дел од системот. Но, покрај тоа, иако има многу поплаки и никој не е задоволен, се` уште мислам дека Македонија е постојан дел од европската мапа и сите треба да се горди на тоа“.

Прашањето за името беше без решение и кога беше дипломат, и сега, кога е декан на Школата за меѓународни студии Џозеф Корбел на Универзитетот на Денвер. Хил коментира: „Сакам да се реши. Знам дека Република Македонија е името на земјата, но исто така знам дека во контекстот на преговорите, може да се додадат други нешта на таа пропозиција. Но, за мене и за мојата земја е Република Македонија. Но, се надевам дека ќе се најде решение со што ќе се помрдне Македонија каде и што припаѓа – во евроатлантските структури“.

XS
SM
MD
LG