Линкови за пристапност

Чешка ќе и помогне на Македонија !

  • Синиша Станковиќ
  • за Скопје

Земјата долгорочно го поддржува македонскиот стремеж за влез во ЕУ и НАТО, изјави во Скопје чешкиот премиер Петр Нечас.

„Македонската Влада има интерес овие тензии да се прекинат. Едната албанска партија учествува и во Владата. Ние ги разменивме своите мислења во врска со тоа. Владата, секако, е заинтересирана за стабилна ситуација во државата, бидејќи секоја тензија може да ја наруши интеграцијата на Македонија кон Унијата. Македонија ги прави сите чекори што се потребни", изјави чешкиот премиер Петр Нечас по денешната средба во Скопје со премиерот Никола Груевски.

Покрај неодамнешното петкратно убиство и реакците во Македонија по тој повод, Груевски и Нечас гостин, кој во Скопје допатува на чело на голема бизнис–делегација, разговарале и за евроатлантските интеграции на Македонија, за кои Чешка ја нуди својата поддршка, како и искуствата и сознанијата за пристапните преговори со ЕУ.

„Почнувањето на Пристапен дијалог на високо ниво меѓу Македонија и ЕУ претставува позитивен чекор во вистинска насока, меѓутоа не е, и не може да биде, замена за преговорите за членство, но, пак, од друга страна, ќе придонесе за прогрес и за завршување на одредени реформи што веројатно би се завршувале кога би започнале преговорите. Така што, на тој начин, кога ќе започнат официјалните преговори, тие ќе бидат значајно покуси, затоа што во овој период, преку овој дијалог ќе завршиме поголем дел од обврските што би требало да ги завршиме во периодот кога ќе ги започнеме пристапните преговори", изјави Груевски.

„Чешката Република долгорочно го поддржува стремежот на Македонија за влез во ЕУ и НАТО. Ве поддржавме и во Букурешт. Го поддржуваме проширувањето на ЕУ со земјите од Западен Балкан, бидејќи зачленувањето во НАТО и во ЕУ значи проширување на зоната на безбедност и од тој аспект ја имате нашата целосна поддршка“, рече Нечас, кој потенцираше дека е во интерес не само на Чешката Република, туку и на целата Европска унија таа да се прошири во Западниот Балкан.

Двата премиера се заложиле за интензивирање на економската соработка, а Груевски, истакнувајќи дека „нема подобар начин за подобрување на економската соработка од директното поврзување на бизнисмените од двете држави“, изразил задоволството од унапредувањето на економските релации и од двојното зголемување на трговската размена во 2011-та во однос на претходната година.

Покрaј средбата на премиерите, денес во Владата биле потпишани и две спогодби за соработка меѓу Република Македонија и Чешката Република во меѓународниот транспорт и во здравството. Спогодбата со која се регулира меѓународниот превоз во патниот сообраќај меѓу двете земји, а која ја потпишаа министрите за транспорт Миле Јанакиески и Павел Добеш и со која ќе се олесни и регулира меѓународниот патен превоз на патници и стока во двете земји, транзитот и патниот транспорт за и од трети земји, е прва спогодба од таков вид што Чешката Република ја потпишува со земја која не е членка на ЕУ.

Чешкиот прeмиер денес се сретна и со претседателот на македонското Собрание, Трајко Вељаноски, кој му порачал дека Македонија останува определена за продолжување на преговорите со Грција.

„Иднината на Република Македонија, иднината на целиот регион е во негова интеграција во ЕУ, но и иднината на здружена Европа нема да биде заокружена без земјите од регионот“, истакнал Вељаноски.

Во контекст на продлабочувањето на економската соработка со Чешка, министерот за економија, Ваљон Сарачини денес имаше средба со чешкиот министер за индустрија и трговија, Мартин Куба, со кого разговарале за можностите за подобрување на трговската размена и на инвестициите. Чешката бизнис-делегација, во која беа претставници на дваесеттина компании, денес учествуваше на македонско-чешкиот бизнис форум во Стопанската комора на Македонија.

„Се надевам дека ова е само почеток на натамошната уште подобра трговска соработка која во иднина секако ќе ја продлабочиме. Таа е интензивирана и преку имплементацијата на Спогодбата за стабилизација и асоцијација што ја имаме потпишано со земјите членки на ЕУ, како и преку членството во Светската трговска организација“, изјав Сарачини пред почетокот на форумот.

И министерот Куба го повтори чешкиот став за поддршка за македонското евроинтегрирање.

XS
SM
MD
LG