Линкови за пристапност

Раскренат „Кампот на слободата“


Претстои институционална борба за демократизацијата на Македонија, според учесниците во протестите

Демонстрантите коишто шеесет дена во шатори пред објектот на Владата бараа заминување на премиерот Никола Груевски и повлекување од функциите на неговите најблиски соработници, како услов за организирање предвремени фер и демократски избори, решија да го кренат „Кампот на слободата“.

До ваквата одлука дојде по вчерашното завршно обраќање на опозициониот водач Зоран Заев, којшто на „камперите“ им порача дека нивната упорност победи и дека барањата им се исполнети со договорот што под мониторинг на претставниците на меѓународната задница (САД и ЕУ) го потпишаа лидерите на најголемите македонски партии. Пред своите сопартијци и опозициони партнери, Заев порача дека Кампот „беше часовникот кој отчукуваше оставка на Груевски“, и им се заблагодари на граѓанските здруженија и невладините организации коишто се вклучија во коалицијата „Граѓани за Македонија“, којашто, по големиот натпартиски, мултинационален и мултиконфесионален митинг на 17-ти мај, во претходните два месеца беше на чело на отпорот против актуелната власт во Македонија и беше заслужна што, како што рече Заев, „копнежот за слободата во Македонија се слушнал и во САД и во Европа“.

Со прифаќањето да се повлече од функцијата премиер до Нова година, водачот на владејачката ВМРО-ДПМНЕ, Никола Груевски, всушност се исполнува барањето на „Граѓаните на Македонија“ изразено низ слоганот на двомесечниот камп - „Никола оди си!“. Така, според дел од аналитичарите, е создадена можност Македонија да се извлече од длабоката политичка криза во којашто се наоѓа веќе дваесетина месеци, но дел од учесниците на протестите сметаат дека иако основната цел е постигната, претстои вистинска институционална борба за демократизација на Македонија.

Камперите денес ги демонтираа шаторите, тендите, бината и прес-центарот во коишто во претходниот период, токму пред Владата, покрај забавно-музичкиот дел, секоја вечер во изминатите 60 дена, се организираа дебати и полемики за разни проблеми во Македонија, но беа нудени и јасни барања и предлози на дискутантите – аналитичари, експерти, но и „обични“ граѓани - како да се однесува преодната влада којашто треба да организира нови избори во Македонија.

Утрово во т.н. Жена-парк, спроти Собранието, иако беше мирно во отсуство на контра-камперите, поддржувачи на Владата на Груевски, шаторите се уште беа поставени. Малубројните присутни во „Кампот на чуварите на демократијата“ коментираа дека и тие ќе ги демонтираат шаторите ако биде расчистен просторот пред Владата.

XS
SM
MD
LG