Линкови за пристапност

Бајден и Рајан во жестока реторика


Попретседателот Бајден и конгресменот Рајан се ракуваат по завршувањето на дебата во Кентаки.
Попретседателот Бајден и конгресменот Рајан се ракуваат по завршувањето на дебата во Кентаки.

Во единствената потпретседателска дебата во предизборната сезона се судрија околу Либија, економијата и иранската нуклеарна програма.

Во ударен вечерен термин од мал колеџ во сојузната држава Кентаки, потпретседателските кандидати во текот на 90-те минути на дебатата жестоко се напаѓаа, истовремено бранејќи ги своите ставови за надворешнополитички и домашни прашања.

Актуелниот потпретседател Џо Бајден побара од републиканците во Конгресот, вклучувајќи го и конкурентот, конгресменот Пол Рајан, да не го попречуваат обидот на владата на претседателот Обама да ја заживее економијата.

„Тие говорат за големата рецесија како да паднала од небо? Од каде ли дојде? Таа дојде од овој човек до мене кој гласаше да се финансираат две војни преку кредитни картички“, обвини Бајден.

Рајан возврати дека претседателот Барак Обама и конгресните демократи кога дојдоа на власт во 2008-ма имаа целосна „еднопартиска контрола“ и можност да ја заживеат економијата. Тој рече дека иако оваа влада ги уверувала Американците дека со стимулативните пакети за заживување на економијата таа ќе расте за 4%, дојде до растеж од само 1, 3%.

Од надворешната политика, Бајден го окарактеризираше минатомесечното убиство на американскиот амбасадор во Либија како трагедија и вети дека нема да се повторат направените грешки.

Рајан жестоко ја критикуваше владата на Обама дека не пружила доволно безбедносни мерки и персонал во Бенгази и оти и` биле потребни „две недели да признаат дека се работи за терористички акт“.

За Иран, републиканскиот предизвикувач кажа дека земјата станала „дрска“ поради тоа што владата на претседателот Обама нема кредибилитет за прашањата врзани со иранската нуклеарна програма. Актуелниот потпретседател одговори дека актуелната власт во Вашингтон вовела досега најсодржајни санкции против Иран.

Засега е неизвесно дали оваа дебата ќе биде решавачка за исчекор на Обама или Ромни, кои во моментов, според анкертите, практично се изедначени.

69-годишниот Џо Бајден важи за искусен полемичар и вешт политичар, најмногу поради 36-те години минати во Сенатот, пред да стане потпретседател во 2009-та.

Пол Рајан е 42-годишен конгресмен од Висконсин, прифатен како ѕвезда во подем меѓу конзервативните републиканци поради неговите предлози за намалување на федералниот дефицит. Па сепак, има многу помало искуство на националната политичка сцена во споредба со Бајден - 14 години во Конгресот.

Во меѓувреме, претседателската предизборна кампања продолжи со несмален интензитет.

Обама е на средби со граѓани во Флорида, а Ромни ќе мине уште еден ден во Охајо, пред да замине за Вирџинија. Овие три држави заедно носат 60 изборни гласови од вкупно 270, колку што се потребни да се освои Белата куќа на изборите на 6-ти ноември.
XS
SM
MD
LG