Линкови за пристапност

Еден на еден со Перо Антиќ: животот во НБА


Најмногу му недостига семејството и балканските специјалитети

Немам многу слободно време. Постојано си во авион, автобус, хотел, го опишува Перо Антиќ темпото на животот во НБА. Во Атланта, од соиграчите, најмногу се дружи со Кајл Корвер и Денис Шредер.

Признава дека е навикнат на балканскиот начин на живот – поголемиот дел од времето да го минува со семејството и пријтелите.

„Синовите ми недостигаат, сопругата ми недостига. Станот ми е празен, нема врева, а јас не сум навикнат на тоа. Наскоро, за 10-тина дена ќе дојдат во Атланта“, раскажува Антиќ.

Вели дека отсекогаш бил носталгичен. Гледа телевизија на македонски канали преку Интернет.

Ретко готви ако е сам. Претпочита да јаде по ресторани со балкански специјалитети во Атланта.

Зошто го одбрал бројот шест за својот дрес со „јастребите“?

Сите знаат дека 12 е мојот омилен број, затоа што го носеше мојот најомилен играч - Дејан Јовановски
„Број 12 не можеше, 21 немаше, а бројот 6 го наследив од Олимпијакос. Во Олимпијакос одбрав 6 затоа што 12 беше на Пападопулос. Потпишав на 2 години договор, 12 поделено со два е шест. Имав две одлични сезони во Атина и одлучив да продолжам и во САД. Инаку, сите знаат дека 12 е мојот омилен број, затоа што го носеше мојот најомилен играч - Дејан Јовановски“, коментира „шестката“ на „јастребите“.

Вели дека не станува збор за презаситеност или бегство по неуспехот на последното европско првенство, кога реши да се повлече од репрезентацијата:

Мислам дека дојде време за смена на генерации
„Мислам дека дојде време за смена на генерации. Сепак, се работи за играчи на возраст од 25-26 години, кои треба да бидат носители, како близнаците (Војдан и Дамјан Стојановски, н.з.). Мислам дека беше време и ова Европско првенство, тие да го изиграат и да има смена на генерации. Не` убедија, ајде да се обидеме, дадовме максимум и се случи тоа што се случи, но време е за смена на генерации. Да почне одново да се гради, да излезат нови таленти и да добијат што е можно поголема минутажа на големи натпреварувања“, заклучува македонскиот центар.

Кога ќе ги видам македонските знамиња по трибините, пресреќен сум, раскажува Антиќ. Секогаш се обидува да издвои време за автограм и да се слика со навивачите, онолку колку што му дозволуваат строгите правила кои важат за сите играчи во НБА.
XS
SM
MD
LG