Линкови за пристапност

Средба Ки-мун - Милошоски во ОН


Средба Ки-мун - Милошоски во ОН
Средба Ки-мун - Милошоски во ОН

Генералниот секретар охрабрен од директниот дијалог околу името, македонскиот министер го поддржува процесот со посредство на ОН

Прашањето за името, случајот пред Меѓународниот суд на правдата во Хаг, македонската кандидатура за Советот за човекови права на ОН и реформите во Светската организација - сите овие теми добиле одвоено внимание на синоќешната средба меѓу генералниот секретар на ОН Бан Ки-мун и министерот за надворешни работи на Република Македонија Антонио Милошоски, до која дојде по барање на македонската страна.

Според соопштението на ОН, генералниот секретар бил охрабрен од директниот дијалог за прашањето за името меѓу премиерите на Македонија и Грција и важноста што е дадена на напорите на посредникот Метју Нимиц. Ки-Мун порачал дека е време да се премине кон одлуки што ќе го разрешат прашањето експедитивно и на обострано прифатлив начин.

Милошоски во изјава за Гласот на Америка подвлече дека Македонија го поддржува процесот под покровителство на ОН.

„Македонија како субјект има реална, искрена потреба и очекувања овој македонско-грчки дијалог да продолжи, а се` со цел да ги приближиме ставовите и да можеме да стигнеме до некое компромисно решение што, се разбира, не би било во спротивност со нормите на меѓународното право и на Повелбата на ОН каде што секој народ, секоја нација, секоја култура има право на самоидентификација и на зачувување и промоција на своето национално достоинство“, рече Милошоски.

Тој најави и дека е можно заедно со македонскиот преговарач , амбасадорот Зоран Јолевски, утре да се сретне и со посредникот Нимиц.

На состанокот со првиот човек на Светската организација, Милошоски ги претставил, како што наведува, меѓународно-правните димензии на македонско-грчкиот случај пред Меѓународниот суд на правдата во Хаг.

„Заеднички констатиравме дека овој процес се одвива пред врховниот суд на ОН, чии одлуки и пресуди се конечни и се задолжителни и обврзни за сите земји-членки на ОН, особено за оние кои водат такви случаи“, кажа Милошоски.

Првиот македонски дипломат ја промовирал кандидатурата на Република Македонија во Советот за човекови права во ОН, а ја поддржал и реформата на ОН со оценка дека организацијата треба да се прилагоди на новите глобални случувања и да биде пофункционална и потранспарентна.

XS
SM
MD
LG