Линкови за пристапност

Откажана охридската средба на шефови на држави од Југоисточна Европа


Регионалната соработка пред сериозен предизвик, според македонскиот претседател Иванов.

Нема да се оддржат Самитот на процесот на соработка во Југоисточна Европа и форумот Дијалог на цивилизации, што беа викендов во Охрид. Домаќинот, претседателот на Република Македонија Ѓорге Иванов, го откажа Самитот поради тоа што повеќе негови колеги го откажаа присуството.

За жал, старите балкански предрасуди и комплекси повторно заживеаја во пресрет на Самитот. Нема да дозволам преку грбот на Македонија да се прекршуваат старите балкански предрасуди и да се поткусуруваат интересите на балканските држави, а цената да ја плаќа Македонија
„За жал, старите балкански предрасуди и комплекси повторно заживеаја во пресрет на Самитот. Нема да дозволам преку грбот на Македонија да се прекршуваат старите балкански предрасуди и да се поткусуруваат интересите на балканските држави, а цената да ја плаќа Македонија“, изјави Иванов, соопштувајќи ја одлуката да го откаже Самитот.

Тој рече дека Република Македонија постапила целосно во согласност со основачките документи и правила, однесувајќи се како одговорен претседавач со Процесот за соработка во Југоисточна Европа и форумот Дијалог меѓу цивилизациите.


„Оваа одлука ја донесов и за да не се манипулираат граѓаните на Република Македонија, како и граѓаните на сите држави од регионот. Конечно, дојде денот кога некој треба отворено да признае дека регионалната соработка е исправена пред сериозен, крупен предизвик“, изјави Иванов.


Најпрвин, присуство откажаа претседателите на Грција и Бугарија. Потоа следеше претседателот на Албанија, во знак на протест што на Самитот не е повикана претседателката на Косово. По сево ова, одлука да не учествува донесе и претседателот на Хрватска.

Медиумите наведуваат дека високата претсавничка на ЕУ Кетрин Ештон се обидела да помогне Белград и Приштина да ги надминат разликите околу учеството на претседателката на Косово, но дека нејзините обиди пропаднале.

Тема на Самитот беа климатските промени.
XS
SM
MD
LG