Линкови за пристапност

Ахмети вели дека прави што може за Македонија да влезе во НАТО и во ЕУ


Претседателот на Демократската унија за интеграција во рамки на посетата на САД даде интервју за Гласот на Америка

Глас на Америка: Македонија има меѓуетнички и политички консензус за НАТО и ЕУ. Меѓутоа, прашањето со името и натаму е пречка за интегрирање. Вашите разговори со американски официјални лица се совпаднаа со посетата на вицепремиерот Бесими во Атина. Коинциденција или обид за пробив во спорот?

Сакаме да придонесеме нашата земја да добие членство во НАТО и да започне преговори со ЕУ
Али Ахмети: Се обидуваме да бидеме корисни за пронаоѓање решение за името. Агендата на средбите со официјалните лица за време на мојата посета во САД е одредена пред шест месеци, а посетата на вицепремиерот Бесими во Атина е во рамки на средбите со колеги во регионот. Сакаме да придонесеме нашата земја да добие членство во НАТО и да започне преговори со ЕУ.

Глас на Америка: На Универзитетот Џонс Хопкинс имавте дискусија на тема: Македонија – стабилна или не? Како ги оценувате реакциите и негодувањата на Обединетата македонска дијаспора (ОМД), зошто не говоревте за Македонија, на пример, како за успешна, мултиетничка приказна на Балканот?

Али Ахмети: Јас зборував каква што е вистината. Ако имаме слабости, треба да ги кажеме. Ако имаме добри работи, треба да ги нагласиме. Не сакам да бидам демагог и да кажувам тоа што не е. Ако има грешки, тогаш треба да ги поправиме.

Глас на Америка: Како ја гледате Македонија денес, по 2001-ва?

Али Ахмети: Од 2001-ва, многу нешта се променети и напреднати. Во минатото, имаше жртви за правата на образование, а денес има трет државен универзитетот во Тетово со над 20.000 студенти. Ако порано не им се дозволуваше, денес граѓаните го имаат правото на употребување на националното знаме. Ако во минатото некому му пречеше официјалната употреба на албанскиот јазик во Скопје и во другите градови каде живеат Албанците, денес тоа никому не пречи. Со Охридскиот договор, продобивки имаат и другите етнички заедници, не само Албанците, туку и Ромите, Србите, Власите...

Глас на Америка: Како ги коментирате последните извештаи на Стејт департментот за влошувањето на состојбата со човекови права во Македонија, но и на Фридом хаус, за лошата слика со медиумите, со оглед дека сте дел од власта?

Во континуитет ги следиме анализите, советите од Стејт департментот, како и на независните Институти, и од тоа би сакале да извадиме поука
Али Ахмети: Во континуитет ги следиме анализите, советите од Стејт департментот, како и на независните Институти, и од тоа би сакале да извадиме поука, да ги анализираме тие извештаи и да имаме предвид како да ги поправиме прашањата кои се нотирани во извештаите.

Глас на Америка: Кој е вашиот став за извештајот на Фридом Хаус за состојбата со медиумите?

Али Ахмети: Веќе реков во претходниот одговор. Треба да извадиме поука од извештаите и да го поправиме сето што се наведува како погрешно.

Глас на Америка: Што го кочи, според вас, обединувањето на македонската и албанската дијаспора во САД, за доброто и интересите на Македонија?

Али Ахмети: Имав разговори со Обединетата македонска дијаспора во Вашингтон, а во Њујорк ќе разговарам со претставниците на албанската дијаспора. Ги охрабрувам да соработуваат за заедничките интереси; да го поправиме имиџот на нашата држава, како и да привлечеме директни странски инвестиции, како и инвестиции од македонската и албанската дијаспора во САД.
XS
SM
MD
LG