Линкови за пристапност

Шанса за стабилизација на Македонија

  • Борјан Јовановски

Европските пратеници за Договорот од Пржино

Европските пратеници коишто учествуваа како посредници во преговорите во Скопје се огласија со реакции по постигнатиот Договор од Пржино.

Иво Вајгл, Ричард Ховит и Едуард Кукан го оценуваат договорот како шанса за Македонија да напредува во европските интеграции.

„Со договорот што беше потпишан од страна на лидерите на четирите најголеми политички партии, а со посредство на комесарот Хан и тројцата европратеници Вајгл, Кукан и Ховит, Македонија сега има фер шанса да напредува како земја-кандидат за членство во ЕУ и конечно да започне преговори. Соработката меѓу Еврокомисијата, Европарламентот и Европскиот совет во овој процес беше ефикасна и продуктивна од самиот почеток. Сега, Македонија треба да се заложи за спроведување на реформите кои се очекуваат од земјата што се стреми кон евро-атланските интеграции, изјави известувачот за Македонија од Европскиот парламент, Иво Вајгл.

Поранешниот известувач за Македонија Ричард Ховит, пак, смета дека договорот дава шанса да бидат расчистени сите сомневања за корупција и прекршување на законите од страна на носители на јавни функции.

„Овој постигнат договор е фер договор во интерес на земјата и нејзините граѓани. Но, ние очекуваме политичките лидери целосно да го спроведат договорот и тоа ќе биде внимателно следено од страна на меѓународната заедница. Назначувањето на специјален обвинител чија работа ќе има целосна автономија за наводните криминали и корупција што произлегоа од следењето на комуникациите, мора да постигне за целосно и непристрасно да се запознае Европа и очекувањата на меѓународната заедница дека мора да има правна одговорност за какво било кривично дело“, изјави Ховит.

Европратеникот Едуард Кукан во договорот гледа шанса за стабилизација на политичкиот систем.

„Македонија мора да ја искористи оваа можност за да се стабилизира политичкиот систем и земјата да се врати на приоритетите на евро-атлантските интеграции. Среќен сум што политичарите во Македонија, конечно, најдоа храброст да се надмине кризата и се надевам дека вчерашниот договор ќе се спроведува со добра волја. Јас сум подготвен да продолжиме да работиме со сите страни за да се обезбеди целосно спроведување на сите аспекти на обврските, вклучувајќи ги и препораките итни реформи на Еврокомисијата во однос на системските прашања на законот, вели Кукан.

XS
SM
MD
LG