Линкови за пристапност

Талибан најави одмазда за убиството на 16 цивили


Обама изрази сочувство, Карзаи вели дека нападот е намерно убиство на недолжни цивили за кое нема прошка.

Талибан се закани со одмазда против, како што наведува, „американските дивјаци“ откако американски водник неделата, според сите наводи, убил 16 Авганистанци во нивните домови додека спиеле. Голем дел од жртвите се жени и деца. Цивилните жртви веќе долго време се главна причина за затегнатост во односите меѓу Вашингтон и Кабул.

Американската амбасада ги предупреди своите државјани во Авганистан на опасноста од одмазднички напади.

Авганистанскиот парламент денес издаде соопштение во кое стои дека „веќе нема трпение“ за недоволната контрола врз странските војници.

Портпаролот на Меѓународните сили за безбедносна помош во Авганистан (ИСАФ), бригадниот генерал Карстен Јакобсен изрази загриженост за неодамнешните инциденти.

“Од наша гледна точка, инцидентите минатите недели и нивната зачестеност претставуваат товар и создаваат загриженост за ИСАФ“, изјави Јакобсен.

Авганистанскиот претседател Хамид Карзаи побара објаснување за убиствата. Според него, меѓу убиените се девет деца и три жени, а нападот е „намерно убиство на недолжни цивили за кое нема прошка“.

Американскиот претседател Барак Обама во телефонскиот разговор со Карзаи изразил сочувство до Авганистанците и изразил „шокираност и жалење“ за нападот. Обама рекол дека го поддржува секретарот за одбрана Леон Панета, кој наложи итна истрага за да се утврди кој се` е одговорен за инцидентот.

Претставници на НАТО велат дека осомничениот, американски армиски водник од единица од сојузната држава Вашингтон, самиот се пријавил откако отворил оган во села во близина на својата армиска база во Авганистан. Голем број сведоци велат дека имало повеќе напаѓачи, но официјалните лица споменуваат само еден осомничен.

Инцидентите од ваков вид во јужен Авганистан најверојатно дополнително ќе ги влошат авганистанско-американските односи, веќе затегнати поради палењето на примероци на Коранот во американска база во Авганистан минатиот месец. Авганистанските сили убија шест американски војници откако изби овој инцидент, а ширум земјата се разгорија жестоки протести.

Според анкетата на АБЦ и Вашингтон пост, 60% од Американците веруваат дека не вреди да се води војната во Авганистан. 54% се за повлекување на американските сили, без оглед дали авганистанската армија е адекватно обучена самата да ја продолжи борбата.

XS
SM
MD
LG