Линкови за пристапност

20 години дипломатски односи САД – Македонија


Поранешни и актуелни претставници од двете земји коментираат за две полни децении дипломатски односи меѓу двете држави

Одбележувањето на Денот на независноста на Македонија и во Вашингтон беше голем настан за пријателите на Македонија и Македонците кои живеат во САД.

„Одлична соработка во областа на политичките односи, економијата, како и во областа на здравството и образованието. Радува дека има зголемен интерес на американски компании коишто сакаат да инвестираат во Македонија“, се зборови на првиот дипломат на Македонија во Вашингтон, Васко Наумовски. За амбасадорот главен фокус е привлекување на американски компании коишто ќе сакаат да инвестираат во земјата.

„Во изминатите 20 години имавме поддршка од САД при стекнувањето на независноста, ја имавме нивната поддршката во процесот на признавање на Република Македонија под нашето Уставно име. Имавме поддршка од САД кога се работеше за најголемите кризи на Балканот и секако поддршката во областа и трговските односи.“, оцени Наумовски.

Но, тој нагласи дека и Македонија дала поддршка на САД во моментите кога била потребна, со учество во разни мировни и коалициони мисии на Блискиот исток и во Авганистан.

Мето Колоски, претседател на Обединетата македонска дијаспора изрази голема благодарност до САД што ја призна независна Македонија, и вели дека, сепак, клучен момент во меѓусебните односи било признавање на државата под уставното име во 2004-та.

„Друг момент е Потпишувањето на стратешкиот договор во 2008-ма што ги продлабочи врските меѓу САД и Македонија“, коментира Колоски.

Пол Волерс, поранешен амбасадор на САД во Македонија, ни рече дека двете земји имаат голема историја на партнерски односи, особено изминатите години во мисиите во Ирак и во Авганистан.

„Тешко е да се каже кој е вајважен момент, но секако најпријатен за мене беше кога бев дипломат во Амбасадата во Скопје во 2004-та, кога ја признавме Македонија под уставното име. Многу пријатен момент. Сите беа среќни. Имаше голема прослава на градскиот плоштад. Голем ден за меѓусебните билатерални односи“, наведува Волерс.

Еве како првата амбасадорка на Македонија во САД, Љубица Ачевска ги оценува односите САД – Македонија:

„Секој момент е важен. Но, за мене тоа е основањето на дипломатските врски, за кои требаше многу време. Континуираната поддршка на американската влада е мошне важна“, истакна Ачевска.

Американскиот бизнисмен од македонско потекло Џорџ Атанасовски, кој важи за еден од најголеми поддржувачи на македонската кауза изминатите 20 години вели дека Македонија, како мала земја, секогаш треба да се стреми да има силни сојузници, како САД.

„Нашите влади треба да се стремат што повеќе да бидат пријатели со САД, затоа што веќе склучија воен договор што е важен за Македонија и за стабилноста во регионот“, рече Атанасоски.

Македонија и САД имаат исклучително добри билатерални односи, од кога Македонија прогласи независност во1991-ва. САД формално ја признаа на 8-ми февруари 1994-та, а на 13 септември 1995-та, двете држави воспоставија целосни дипломатски односи на ниво на амбасади.

Инаку, историски, македонско-американските врски и односи, започнуваат како трговски во 1776 година. Првата политичка активност СAД ја преземаат на Цариградската конференција, како предлог за автономија на Македонија. Прв индиректен контакт со македонското Националноослободително движење воспоставуваат по повод киднапирањето на протестантската мисионерка Елен Марија Стон, заедно со Катерина Стефанова – Цилка во периодот меѓу септември 1901-ва и март 1902-та. СAД не се ангажирале во настаните поврзани со Илиденското востание.

XS
SM
MD
LG