Линкови за пристапност

Македонија падна во групата на „транзициски влади или хибридни режими“


Годишен извештај на Фридом хаус: Нации во транзиција 2014

Актуелната криза во Украина го привлече светското внимание на острите идеолошки и политички поделби меѓу Европа, што функционира согласно демократските принципи, и Евроазија, каде речиси четири на секои пет лица живеат во авторитарни режими, се вели во најновиот годишен извештај Нации во транзиција на организацијата Фридом хаус.

Во делот за Македонија, се вели дека земјата паднала во пониска група на таканаречени транзициски влади или хибридни режими, поради назадување во две од вкупно седумте категории според што се врши оценувањето: независните медиуми и состојбата со корупцијата. Македонија е во средната, трета група. Над неа се групите на консолидирани демократии и полуконсолидирани демократии, а под неа се оние на полуконсолидирани авторитарни режими и консолидирани авторитарни режими.

Новата збирната оценка на Македонија, или таканаречениот демократски резултат, е 4 на скалата од 1 до 7, каде 1 е најдобрата оценка. Во минатиот извештај, оценката беше 3,93.

Во наративниот дел стои дека „земјата е парализирана од политичката криза што изби кон крајот на 2012-та кога владата на премиерот Никола Груевски го протурка својот годишен буџет откако насилно ги отстрани опозициските пратеници и новинарите од Собранието“.

Извештајот наведува и дека „се` поголемите македонски рестрикции врз независното новинарство привлекле меѓународно влијание во 2013-та“ со апсењето на новинарот Томислав Кежаровски.

Од поширокото соседство, Словенија спаѓа во најдобрата група на консолидирани демократии. И Бугарија, Србија, Хрватска и Црна Гора се над Македонија, во полуконсолидираните демократии. Македонија е во транзициските влади или хибридни режими заедно со Албанија и Босна и Херцеговина, а Косово е во групата подоле, на полуконсолидирани авторитарни режими.
XS
SM
MD
LG