Турција се заканува дека ќе ги сведе односите со Израел на минимум по овонеделната смртоносна акција врз хуманитарната флотила во регионот на Газа.
Турскиот вице-премиер Булент Аринк, истакна дека економската и воена соработка со Израел ќе биде намалена. Турските медиуми јавуваат дека Анкара воедно планира да поднесе и кривична пријава против Изреал во меѓународен суд.
Деветмина пропалестински активисти, вклучувајќи и 19-годишен Американец од турско потекло загинаа во операцијата на израелските командоси во понеделникот. Бродот беше дел од конвојот организиран од турска хуманитарна група во обид да ја пробие 3-годишната блокада на Израел врз Појасот Газа.
Деновиве се очекува уште еден брод со хуманитарна помош да пристигне во регионот. Пропалестинските активисти велат дека бродот можно е да стигне до таканаречената израелска зона на исклучување до крајбрежјето на Газа доцна во петок.