Линкови за пристапност

Доналд Трамп за претседател?


Доналд Трамп за претседател?

Доналд Трамп за претседател?

Контроверзноста го следи богаташот од Њујорк и во политичките води – неговата кандидатура ги подели републиканците

Доналд Трамп е име што ретко кој не го знае, без оглед дали тоа се должи на неговата необичната фризура, трговијата со недвижнини, или пак ТВ-шоуто „Помошник“. Овој богаташ од Њујорк сега е заинтересиран за трката во Белата куќа, како евентуален кандидат на Републиканската партија. Контроверзноста го следи и во политичките води – неговата кандидатура ги подели републиканците.

Трамп, сепак, има голема предност пред другите републикански претенденти - ТВ-шоуто „Помошник“ чини тој да ужива инстант-популарност, а, тоа, пак, му помогна да направи подем во неколку неодамнешни анкети за популарноста на потенцијалните републикански кандидати за Белата куќа.

Трамп има и поддршка меѓу членовите на движењето „Ти парти“, што си зададе цел да го намали владиниот буџет и обемот на федералната влада.

„Светот ни се смее, се смее на нашите водачи. Не` користат, и тоа е срамота. Ако се кандидирам и победам, нашата земја повторно ќе ужива почит, а со Кина, ОПЕК и сите други земји што го користат моментот против оваа наша величенствена земја, ќе се постапува на мошне поинаков начин“, порача Трамп на неодамнешен собир на „Ти парти“ во Флорида.

Трамп вели дека ќе донесе конечна одлка за кандидатурата до јуни, но некои партиски симпатизери уште сега го истакнуваат неговиот непосреден стил и го гледаат како фаворит во групата кандидати што мошне бавно се зголемува.

„Искрен е и кажува што му е на ум. Не верувам дека не` лаже“, вели една републиканка која беше на неговиот собир во Флорида.

Трамп ја разбрани јавноста и со тоа што го оспорува документот за раѓањето на Обама, односно дека се родил на Хаваите во 1961-ва. Трамп смета дека „Обама или не сака, или не може да покаже документ за раѓањето“.

Властите во Хаваи го имат потврдено документот на Обама, а два локални весника го имаат објавено податокот на неколку дена по раѓањето на Обама. Според Уставот на САД, само лицата родени во САД може да се кандидираат за претседател.

Дури и неколку истакнати републиканци го критикуваат Трамп поради тоа што го оспорува документот и сметаат дека фокусирањето на таа тема е контрапродуктивно. Всушност, тоа е и причината неколку истакнати републиканци да застанат против кандидатурата на Трамп.

Поранешниот сенатор од Јута Боб Бенет го поддржува поранешниот гувернер на Масачусетс Мит Ромни за претседател, иако тој се` уште не објавил дека ќе се кандидира. Бенет смета дека интересот за Трамп само го покажува републиканското незадоволство од партиските кандидати кои досега се пријавиле за трката во Белата куќа.

„Не постои единство како порано, нема очигледен фаворит. Велат – да пробаме со ново лице. Примерот со Трамп покажува целосно непознавање на она што е потребно да се биде претседател на САД“, коментира Бенет.

Според неодамнешна анкета на ТВ-мрежата ЦБС и весникот Њујорк тајмс, 56% од републиканците не се преголеми оптимисти во врска со потенцијалните партиски кандидати.

Многумина политички експерти се прашуваат и дали Трамп воопшто ќе се кандидира.

“Тој е без влакна на јазикот, популист, добро познат. На извесен начин, одговара на изборното тело кое бара некого нов. Па сепак, мислам дека се работи само за негови пет минути, бидејќи во крајна линија, шансите да ја добие републиканската кандидатура се мошне мали“, вели Џон Фортие од Центарот за двопартиска политика во Вашингтон.

Во анкетата на ЦБС и Њујорк тајмс, 72% не сметаат дека Трамп е сериозен кандидат. 35% позитивно гледаат на него, 32% негативно, а 33% се или неопределени, или пак немаат доволно инфомации за да имаат некакво мислење за него.

XS
SM
MD
LG