Линкови за пристапност

„Работи и патувај во САД“ – шанса за запознавање на други култури


Работи и патувај во САД
please wait

No media source currently available

0:00 0:02:29 0:00

Работи и патувај во САД

Две учеснички од Македонија на популарната програма за културна и образовна размена на младите зборуваат за своето искуство во САД

Борјана Атанасовска, студентка на Правниот факултет во Скопје е прв пат во Америка. Летото го поминува во Ајдахо каде работи на рецепција во хотел. Таа како и многу други Македонски студенти е дел од програмата „Работи и патувај во САД“, што е шанса учесниците одблизу да се запознаат со животот и работењето во САД. Борјана вели дека културниот шок било првото нешто што го доживеала овде.

„Прво нешто кога дојдов тука, се соочив со луѓе од секакви култури од најконзервативни до најотворени... Едноставно знам дека на крајот од денот сите сме луѓе и воопшто не е важно ништо друго, меѓутоа кога дојдов тука ја воочив таа различност која постои и сфатив дека светот е едно големо село и има многу разлики од размислувањата на еден до друг човек“, вели таа.

Можноста да заработи, а истворемено и да прошета, ја натерало и студентката Сашка Митровска да учествува во оваа програма. Таа веќе трето лето доаѓа во градот Дестин во Флорида, каде работи во слаткарница. Но, освен работа вели дека време има и за забава и дружба помеѓу студентите, што го прави искуството незаборавно.

„ Пред се` оваа програма е направена за да запознаеш нови луѓе да посетиш нова култура, за дружба, и тоа и се случува. Ова е туристичко место има многу студенти. Ние се дружиме, цело време сме заедно, одиме на плажи, бидејќи ова место е проучено по убавите плажи, а навечер одиме во дискотеки, така што дружбата е на високо ниво“, раскажува Сашка.

Но, според Борјана, покрај забавата и дружбата, престојот во САД има и други предности:

„Ова е една голема животна лекција. Кога ќе дојдеш тука сфаќаш дека тука си сам четири месеци, нема мама, тато, пријатели. Мора да се грижиш сам, мора да стануваш сам. Јас секој ден станувам во 6:30 за на работа. Кога ќе се разболиш компанијата ти помага во однос на се`, но сепак кога веќе доаѓаш тука мора да се однесуваш како возрасна личност“.

И двете студентки велат дека искуството им помогнало да станат поодговорни и посамостојни. Според нив добро е секој млад човек да го искуси тоа.

„Има многу предности, не е само тоа што ќе се посетат некои места што сме сакале да ги посетиме, туку се развиваш и како личност, стануваш самостоен, многу појак“, додава Сашка.

„Работи и патувај во САД“ е една од најпопуларните програми помеѓу Македонските студенти. Според неофицијалните статистики, околу 2.000 студенти годишно аплицираат и летото го поминуваат во САД, работејќи најчесто во туристички места.

На Борјана и Сашка им останува уште малку време пред да се вратат дома. Велат дека ќе им недостасуваат новостекнатите пријателства, и дека искуството ќе остане со нив цел живот.

XS
SM
MD
LG