Линкови за пристапност

Во Македонија се почитува верската слобода


Годишниот извештај на Стејт департментот вели дека во државата немало забележани поголеми промени на овој план

Македонската влада генерално ги почитува верските слободи и нема значителни промени во таа сфера во изминатата година, се вели во делот за Македонија во годишниот извештај на Стејт департментот за состојбата со почитувањето на верските слободи во светот. Уставот и другите закони гарантираат почитување на верските слободи, се наведува во резимето за Македонија.

Припадници од некои религиозни групи подвлекуваат дека владата во Скопје ја фаворизира Македонската православна црква – Охридската Архиепископија. Законот за верски заедници во Македонија бара верските групи да се регистрираат, но некои групи тврдат дека владата го имплементира законот неконзистентно. Во извештајот се посочува дека од време на време, етничката напнатост влијаела на ограничување на верските слободи. Бекташката заедница јавила за заплашувања и повремени закани од поединци кои различно го толкувале Исламот.

Иако нема официјална религија во земјата, уставен амандман од 2001-ва набројуба пет религиозни групи: Македонската православна црква, Исламската заедница на Македонија, Римокатоличката црква, Еврејската заедница и Евенгелистичко-методистичката црква. Понатамошни промени во законот им овозможуваат и на други религиозни групи да се регистрираат и да стекнат таков статус.

Законот во Македонија не дозволува приватни религиозни основни училишта, но дозволува приватни религиозни училишта во средното образование и повисоко и религиозна настава во верски објекти како цркви и џамии.

Извештајот вели дека немало пријави за злоупотреба на верската слобода.

Бидејќи религиозниот идентитет често е во корелација со етничкиот идентитет, тешко било да се категоризираат инцидентите како мотивирани од верска нетолеранција. Имало изолирани акти на вандализам на гробишта и верски места, но не со фрекфенција како во изминатите години, вели годишниот извештај на американскиот Стејт департмент.
XS
SM
MD
LG