Линкови за пристапност

Нов камен на сопнување меѓу Скопје и Софија?

  • Синиша Станковиќ

Отпуштени македонски професионални војници наводно ќе бараат работа во бугарската армија.

Дел од македонските медиуми денес ги цитираа колегите од соседството, објавувајќи стории за барањето на бугарската партија ВМРО, да се прифатат поранешните професионални војници на АРМ во бугарската армија.

Се работи за минатонеделната најава на дел од отпуштените професионални војници од македонската Армија, околу 120, кои по исполнувањето на возрасниот критериум (38 години старост) и по истекот на професионалните договори не биле опфатени со oдлуката од февруари минатата година за останување во АРМ до 45-тата година од животот, иако дел од нив учествувале и во мировни мисии.

Нивниот координатор Илија Тодев за А1 Он потврди дека е договорено да се разговара со бугарски претставници и дека на 18-ти Август, Денот на АРМ, официјално ќе се побара прием во бугарската амбасада во Скопје за да се разговара за евентуалното прифаќање во армијата на соседната држава.

„...Ќе пратиме допис за средба во бугарската амбасада, да излезат во пресрет за наше можно вработување во нивната земја, кога овде веќе не сме потребни... Ќе ја бараме егзистенцијата во Бугарија. Власта досега можеше да го реши нашиот проблем, но не сака”, изјави тогаш Тодев во медиумите.

По тој повод, бугарската партија ВМРО, според тамошните медиуми, побарала од бугарскиот премиер и од министерот за одбрана да направат сè што е потребно, македонските војници да се вклучат во редовите на бугарската армија. Наводно, наскоро ќе биде распишан конкурс за пополнување на недостигот на војници во бугарската армија преку прием на 250 војници во специјалните единици во Пловдив.

Македонските портали Либертас и МКД.мк денес го цитираат бугарскиот портал news.bg, кој се повикува на бугарската ВМРО, и пренесуваат дел од текстот во кој се вели: „Очигледно, србоманската власт на Груевски сака да го троши државниот буџет во безумните антички градби на скопскиот Дизниленд, наместо да ги одржува вооружените сили, кои ќе можат да ја издржат албанската агресија, однатре и однадвор, против територијалниот интегритет на Република Македонија“.

Според претседателот на Независниот синдикат на професионалните војници на АРМ, Веле Крбалевски, кој во изјавата за МКД.мк не ги коментира провокативните најави од Бугарија, македонското Министерство за одбрана е одговорно за решавање на проблемот на отпуштените војници кои не биле опфатени со ниту една промена во Законот за служба во АРМ и останаа без работа.

„Во сите промени што се направија, отпуштените војници со наполенти 38 години не беа вклучени, беа изневерени и оставени сами да се снаоѓаат. Тоа се случи пред се` поради несоодветната и несериозна реакција на надлежните кои треба да најдат решение на социјалната состојба во која се најдоа војниците“, вели Крбалевски.

На изјавите на Тодев и Крбалевски заасега нема реакција од владата.

Случајот лесно може да стане нов камен на сопнување во односите меѓу Македонија и Бугарија, кои и покрај апелите од двете страни на границата за добрососедство, и понатаму се оптоварени со историски проблеми.
XS
SM
MD
LG