Линкови за пристапност

И Груевски е подготвен за нови избори!

  • Синиша Станковиќ

Никола Груевски, премиер на Република Македонија

Никола Груевски, премиер на Република Македонија

Премиерот призна дека владината колаиција е во криза и го обвини партнерот ДУИ за некоректност.

„Постои криза во коалицијата и доколку ДУИ се одлучи на таков потег, ние сме подготвени за предвремени парламентарни избори, иако тоа е опција која не ја посакуваме, бидејќи тоа ќе значи одредена дефокусација во одреден период“, изјави денес во Кичево премиерот Никола Груевски, во својство и на лидер на владејачката ВМРО-ДПМНЕ.

Според Груевски, кризата во владината коалиција е резултат на промените во однесувањето на дел од раководството на ДУИ, кое, според него, не се однесувало коректно како во минатото, особено потенцирајќи го настанот со полагањето цвеќе на споменикот на припадниците на ОНА во Слупчане.

„Три години претходно, ДУИ како коалиционен партнер ја сметавме како партија која држи до зборот и коректно се однесува во однос на она што е договорено. И ние се трудевме, исто така, коректно да се однесуваме во однос на тоа што е договорено. Во оваа една година, кај дел од нив има отстапувања од таа пракса, дали затоа што чувствуваа дека ВМРО-ДПМНЕ го нема мнозинството во парламентот, бидејќи има 56 пратеници и на некој начин мнозинството го покрива ДУИ со нивните пратеници, дали заради нешто друго?“, рече Груевски.

Тој истакна дека неколкупати разговарал со лидерот на ДУИ Али Ахмети и дека на средбите во последните неколку месеци му го посочувал однесувањето на одделни политичари од неговата партија.

Премиерот денес потенцираше и дека нема да дозволи да се гази македонското достоинство и дека за него е од исклучително значење задржувањето на чесноста во односот со партнерите, кој и да се наоѓа во таа улога.

„За нас е исклучително важно да го зачуваме нашето достоинство и образ и достоинството на македонскиот народ и на граѓаните на Македонија. И нема ниту една цена што сме подготвени да ја платиме за да се згази достоинството, како што имаше обид тоа да се направи со случајот во Слупчане. Ние, минатата година, добивме поддршка од мнозинството граѓани во наредните три години да ја водиме Владата според програмата што е зацртана и тоа сакаме да го правиме и ќе настојуваме да го правиме“, рече Груевски, потенцирајќи дека „ВМРО-ДПМНЕ не е СДСМ“, па ако нема мнозинство во парламентот - да потклекне на уцени.

„Ние не сме СДСМ и не може да сметаат дека сме Бучковски и Црвенковски па ако немаме мнозинство во парламентот дека ќе потклекнеме на некакви уцени, понижувања или било што. Ние како партија не сакаме да рушиме ничие достоинство, ние сакаме да ги почитуваме сите, сите етнички заедници, сите граѓани во Македонија и не сакаме да си поигруваме со чувствата на другите етнички заедници. Меѓутоа, доколку некој друг тоа сака да го прави и ако смета дека на тој начин ќе постигне одредени политички поени, мислам дека го промашил партнерот во овој случај“, кажа Груевски.

По најавите дека кризата во владината коалиција може да предизвика предвремени избори, опозициониот СДСМ излезе со став дека тие за нив се секогаш отворена опција.

Според координаторот на пратеничката група на СДСМ, Игор Ивановски, кој не сакаше да ги коментира вербалните престрелки меѓу коалицоните партнери ВМРО-ДПМНЕ и ДУИ, двете партии мора заедно да ја сносат одговорноста за своите „погрешни и неодговорни политики“ до крај, и за тоа, во пакет да бидат поразени од страна на граѓаните.

Од СДСМ најавија и дека ќе поддржат секакво законско решение за бранителите, но не и амандманите најавени од ДУИ за вклучување на правата и на припадниците на ОНА во новиот закон.

,,Ние уште во 2008 година го подржавме законот изготвен од самите бранители и ,,Достоинство,, што беше потпишан од 30.000 граѓани, како што и секоја година при буџетската расправа со амандмани бараме да се обезбедат средства за нивните права. Тогаш, Груевски и ВМРО- ДПМНЕ, заради мир во коалицијата со ДУИ, не го поддржаа законот и досега без исклучок ги одбиваа сите предлози кои требаше да го подобрат статусот на бранителите. Во 2008 година, ВМРО ДПМНЕ го одби законот единствено заради дневно-политички пазар со ДУИ... Жалиме што заради инаетот и политичките калкулации на ВМРО- ДПМНЕ, се изгубија четири години, во кои припадниците на безбедносните сили можеа да ги уживаат правата кои им припаѓаат“, изјави Ивановски.

Според СДСМ, премиерот Груевски треба да „престане со ефтината глума“ и само во изјавите за јавност да глуми лажен патриот. СДСМ бара од премиерот да се изјасни и „да и` соопшти на јавноста што планира да превземе како одговорност за овој сериозен скандал?“ (настанот во Слушчане – н.з.)

„Инаку, за волја на вистината, лажниот патриот Груевски и пред една година го погази достоинството на македонскиот народ и на бранителите кога ги амнестираше воените злосторници од Хашките случаи само заради неговата коалиција со ДУИ“, сметаат во СДСМ.
XS
SM
MD
LG