Линкови за пристапност

„Сè уште чекаме да се испочитува Пресудата на Меѓународниот суд на правдата“


Рече претседателот на Република Македонија Ѓорге Иванов во обраќањето на Генералното собрание на ОН

Македонскиот претседател Ѓорѓе Иванов во обраќањето на Генералното собрание на ОН рече дека човештвото денес е исправено пред многу предизвици, но дека два од нив бараат целосно внимание.

"Првиот предизвик ни доаѓа од поредокот на природата, а вториот од меѓународниот поредок. Коренот на првиот предизвик е во човековото занемарување на природните закони. Вториот предизвик произлегува од непочитувањето на меѓународните закони", изјави Иванов.

Водено од идејата дека „човекот е мерка на сите нешта“, човештвото направи погрешна пресметка и влеговме во трка за напредок и нови откритија, којашто се одвива паралелно со трката за нерамномерна експлоатација на ресурсите, рече шефот на македонската држава.

"Поставувајќи се наспроти природата, човекот ги поткопува темелите на сопствената иднина. Нашите граѓани, нашите држави и економии, веќе почнуваат да ја плаќаат цената. Нè очекува период на екстремни временски услови, кога се почесто градовите ќе се поплавуваат, реките ќе пресушуваат, посевите ќе пропаѓаат, а цената на храната ќе расте. Природните непогоди насекаде во светот се гласен аларм дека климатските промени се новата реалност што ќе ги промени нашите животи и животите на идните поколенија. Неодамна, и нашиот регион на Југоисточна Европа беше погоден и потсетен на оваа реалност", изјави Иванов.

Тој рече дека "Република Македонија е првата земја од нашиот регион која го комплетираше Третиот национален извештај според Рамковната конвенција на Обединетите нации за климатски промени. Ние веќе ги одредивме идните чекори во сите клучни сектори во економијата и во општеството, на национално и на локално ниво за намалување на ризиците од катастрофи и за адаптација кон климатските промени. Тоа го правиме со стратегии и напори за намалување на емисијата на стакленички гасови и со зголемување на енергетската ефикасност".

Тој оцени дека во ОН сите треба да си помагаат во постигнувањето на Милениумските развојни цели, со фокус на намалување на глобалната сиромаштија и обезбедување на одржлив развој.

„Наредната, 2015 година е година на големи очекувања во целиот свет. Очекувања дека конечно ќе се постигне вистинска синергија за големите предизвици – адаптацијата кон климатските промени, намалувањето на ризиците од катастрофи и одржливиот развој. Очекуваме развојната агенда по 2015 да содржи глобални, холистички, научно-основани, остварливи и правно-обврзувачки цели. За да им оставиме побезбеден свет на нашите потомци“, нагласи Иванов.

Македонскиот претседател направи паралела дека како што предизвикот од природата е поради човековото занемарување на природните закони, така и предизвикот од меѓународниот поредок произлегува од непочитувањето на меѓународните закони, на меѓународното право.

„Владеењето на правото е нецелосно и невозможно без почитување на човековите права. Како членка на Советот за човекови права на Обединетите нации, континуирано и на дело, Република Македонија се залага за заштита и за промовирање на човековите права и правото на човечко достоинство во светот. Република Македонија има највисоки стандарди на почитување на човековите права и правата на заедниците во светот. Тоа е возможно благодарение на македонскиот модел на соживот, како модел на интеграција без асимилација, која се темели не врз толеранција, туку врз почитување на различноста“, изјави Иванов.

„И токму човековите права и правото на човечко достоинство на македонските граѓани се континуирано негирани од страна на една членка на ова семејство, но и на земја-членка на НАТО и на Европската унија“, истакна првиот човек на македонската држава.

„Идентитетот и јазикот се неразделив дел од човековата личност, од слободата на изразување, од човековите права. Тоа се универзално прифатени принципи со кои никој и никогаш не прави компромис. Почитувањето на човековите права, меѓу кои е и правото на самоидентификација и на човечко достоинство, се врвни вредности на нашите Обединети нации. Врвни вредности кои се воедно и политички критериуми за членство на Република Македонија во Европската унија", рече Иванов.

Тој смета дека "условувајќи нè да се откажеме од македонскиот идентитет, земјата која нè блокира од нас го бара невозможното – бара да прекршиме еден од основните принципи на Унијата за да ги исполниме условите за членство во Унијата. Бара да го прекршиме правилото и да го изневериме ова наше глобално семејство".

Иванов, во овој дел од говорот се повика на почитување на меѓународното право: "Кога во 2008 година, на Самитот на НАТО во Букурешт, одбивме да го промениме идентитетот на македонските граѓани како предуслов за веќе заслуженото членство во НАТО, тоа го направивме врз основа на меѓународното право. Кога на 17 ноември 2008 година го започнавме процесот против јужниот сосед пред Меѓународниот суд на правдата, тоа го направивме врз основа на меѓународното право. Кога на 5 декември 2011 година, Меѓународниот суд на правдата пресуди дека блокадата на интеграцијата на Република Македонија во НАТО е нелегална, дека се прекршени меѓународно преземени обврски, тоа го направи врз основа на меѓународното право".

„Кога од година во година ги издржуваме непринципиелните и нелегалните блокади, тоа го правиме поради меѓународното право“, истакна Иванов и додаде дека Македонија верува оти меѓународното право е единственото нешто што дава предвидливост и сигурност во овој светски поредок.

Иванов подвлече дека Република Македонија е подготвена за взаемно прифатливо решение во рамката што ја даваат резолуциите на Обединетите нации, Времената спогодба и пресудата на Меѓународниот суд на правдата, но потенцираше дека прашањето за идентитетот никогаш не било дел од оваа рамка, бидејќи, како што рече, за идентитет не се разговара, ниту преговара.

Од, говорницата во Генералното собрание, Иванов побара од ОН и од надлежните органи максимално да се посветат во изнаоѓањето заемно прифатливо решение во рамката на меѓународното право.

„Пред две години бев на ова исто место. Добро се сеќавам дека претходеше завршениот состанок на високо ниво за владеењето на правото на национално и на меѓународно ниво. На Генералното собрание дебатиравме за Извештајот на генералниот секретар за владеење на правото. Оттогаш минаа две години и ние сè уште дебатираме. Сè уште чекаме да се испочитува Пресудата на Меѓународниот суд на правдата", изјави Иванов.

„Пресудата не важи само за државата што нè блокира. Пресудата важи erga omnes, за сите држави-членки на меѓународните организации во кои и натаму сме блокирани", кажа Иванов.

Македонскиот претседател нагласи дека Република Македонија ја гледа својата иднина во НАТО и во Европската унија. Тој рече дека политиката на ЕУ за проширување долго време била светилник за патот на државите од Источна и Југоисточна Европа кон напредното европско семејство, но дека „неодамна бевме известени дека во наредните 5 години, тој светилник привремено нема да работи. А кога не работи светилникот, постои опасност да се случи бродолом. Нашиот регион на Југоисточна Европа е сè уште ранлив, а бурата не е далеку“, предупреди Иванов.

„Одлагајќи го проширувањето, Унијата создава вакуум во историски најпорозниот геополитички простор. А сите знаеме дека не постои вакуум во геополитичкиот простор. Порано или подоцна, вакуумот се стреми да биде пополнет. Затоа, неопходно ни е час поскоро да ги интегрирате сите земји од Западен Балкан во Европската унија“, порача македонскиот претседател.

Иванов упати порака и до својот регион: „Сега е моментот кога државите од Балканот треба да демонстрираат максимална солидарност и единство во остварувањето на споделените цели. Соработка во интеграциите, економијата, инфраструктурата, енергетиката, заштитата на животната средина и борбата против тероризмот и организираниот криминал. Мора да издржиме и заедно да се справуваме со споделените предизвици“.

Осврнувајќи се на проблемот со тероризмот и странските борци што се приклучуваат на милитантните организации, Иванов рече дека „свесни дека тероризмот не може и не смее да биде поистоветен со ниту една религија, нација или цивилизација, најостро ги осудуваме масовните злосторства извршени од кого било, каде било“.

"Република Македонија веќе ги направи првите чекори. Неодамна, усвоивме измена во Кривичниот закон во однос на странски борци, кои се реален предизвик за целиот регион", истакна Иванов.

Во говорот се задржа и на Украина. "Најголеми жртви на кризата во Украина се невините граѓани и материјалните загуби. Република Македонија ги поддржува сите обиди, кои можат да донесат мир и стабилност во оваа земја. Убеден сум дека преку дијалог, со политички и дипломатски средства, Украина ќе успее да се справи со предизвиците и ќе продолжи по патот на обезбедување просперитетна иднина на своите граѓани", рече првиот човек на македонската држава.

„Светот се соочува со сериозни предизвици. И природни, но и политички. И во основата на двата се двојните стандарди“, заокружи Иванов и додаде дека двојните стандарди "нè ставаат пред равенки со многу непознати, создаваат свет во кој единственото нешто за кое ќе бидеме сигурни е дека нема да можеме да бидеме сигурни за иднината на нашите деца".

Како решение, тој предложи дека „единствено почитувањето на меѓународното право ни дава поголема извесност да ги избегнеме бурите во нашиот динамичен свет“.

„Токму затоа, Република Македонија го поддржува процесот на реформа на Советот за безбедност, како значаен дел од вкупната реформа на Обединетите нации. Тоа е комплексен и чувствителен процес. Се согласуваме со предлогот за преговори по конкретен текст. Истовремено укажуваме дека е потребно таквиот текст да има најширока можна поддршка од членството. Ја поддржуваме реформата што ќе обезбеди почитување на меѓународното право, почитување на преземените меѓународни обврски и пресуди. Реформа што ќе овозможи поголема предвидливост во светот“, рече македонскиот претседател во обраќањето од говорницата на ОН.

Повеќе коментари

XS
SM
MD
LG