Линкови за пристапност

Македонскиот претседател Иванов повика на разумност


Иванов: “Целосна поддршка за брзо, ефикасно и транспарентно постапување на сите надлежни државни органи во утврдувањето на постоење на активности спротивни на уставно-правниот поредок и во санкционирањето на сторителите на кривични дела“
Иванов: “Целосна поддршка за брзо, ефикасно и транспарентно постапување на сите надлежни државни органи во утврдувањето на постоење на активности спротивни на уставно-правниот поредок и во санкционирањето на сторителите на кривични дела“

Водачот на ДУИ Ахмети бара меѓународна експертиза по „бомбата“ на СДСМ и случајот „Пуч“

По објавувањето на таканаречената „бомба“ од страна на СДСМ, како и изнесените обвинувања во случајот „Пуч“, денeс во јавноста по првпат се огласи шефот на државата Ѓорге Иванов.

Повикувам, политичките субјекти во земјата да се однесуваат разумно и одговорно, во согласност со интересите на граѓаните и државата. Само на тој начин ќе докажат дека нивните програмски определби се во интерес на демократијата во Република Македонија.
Ѓорге Иванов, претседател на Република Македонија

Според соопштението од Кабинетот на македонскиот претседател, Иванов изразува „целосна поддршка за брзо, ефикасно и транспарентно постапување на сите надлежни државни органи во утврдувањето на постоење на активности спротивни на уставно-правниот поредок и во санкционирањето на сторителите на кривични дела“.

Претседателот апелира политичките субјекти да се однесуваат во интерес на демократијата во земјата: „Повикувам, политичките субјекти во земјата да се однесуваат разумно и одговорно, во согласност со интересите на граѓаните и државата. Само на тој начин ќе докажат дека нивните програмски определби се во интерес на демократијата во Република Македонија“

Иванов во писменото обраќање нагласува и дека улогата на медиумите „во демократското општество е да укажат на сето она што ги нарушува демократските процеси и е против интересите на граѓаните и државата. Во остварувањето на оваа улога ја имаат мојата целосна поддршка“.

Барам од меѓународната заедница да се создаде една политичка и експертска комисија со цел овој процес да добие кредибилност и доверба кај сите граѓани на Македонија и да се отстрани секое двоумење околу третманот на овој процес.
Али Ахмети, претседател на ДУИ

Во врска со актуелната политичка криза во Македонија, амбасадорот на ЕУ Аиво Орав и претставникот на Министерството за надворешни работи на Германија, Ернст Рајхел денес се сретнале со водачот на ДУИ, Али Ахмети. Според Ахмети, тој побарал од Орав меѓународната заедница да формира посебна група од експерти, којашто заедно со домашните институции би го истражувале случајот со прислушкувањето што го обелодени претседателот на СДСМ Зоран Заев. На тој начин, според Ахмети, вистината би излегла на виделина.

„Заеднички ја споделивме загриженоста за овие настани и јас го покренав како прашање кај соговорниците да се создаде политичка група од претставници од меѓународната заедница на политичко и на експертско ниво за решавање и менаџирање на состојбата. Барам од меѓународната заедница да се создаде една политичка и експертска комисија со цел овој процес да добие кредибилност и доверба кај сите граѓани на Македонија и да се отстрани секое двоумење околу третманот на овој процес. Сегашната состојба бара рационално и зрело однесување да покажат сите политички субјекти во земјата за да не се дефокусира нашата агенда за членство во ЕУ и НАТО со унапредување на меѓуетничките односи, економскиот развој на земјата и унапредување на односите со соседните земји. Сите политички сили во земјата треба да го имаат ова како приоритет бидејќи тука е користа за сите граѓани. Политичките сили заедно со експертите од меѓународната заедница и нашите политички фактори треба заедно да ја менаџираат оваа состојба“, изјави Ахмети.

XS
SM
MD
LG