Линкови за пристапност

Трета недела од штрајкот на белите мантили


Засега без решение што би ги доближило спротиставените страни.

Трета недела, околу 1.500 лекари, специјалисти, субспецијалисти и други вработени во јавните здравствени установи штрајкуваат. Бараат оставка од министерот за здравство Никола Тодоров и разговори со премиерот Никола Груевски.

Оваа реформа има за цел да ги наградува лекарите кои чесно и одговорно си ја вршат работата и да ги казнува оние кои не ја вршат работата на тој начин.
Никола Тодоров, Министер за здравство на Република Македонија
Штрајкот се случи како резултат на неуспешниот обид за преговори со Министерството за здравство, во врска со одлуката да воведе нов систем на вреднување на работата на лекарите.

„Ова што го прави Министерството за здравство е антиреформа без ниту еден критериум за квалитет - само беспоштедно форсирање на обемот на работата, што ќе има негативен ефект на услугите и реперкусии за пациентите, а ќе му наштети и на балансот на и така редуцираниот буџет. Ова што го предлага министерот е проект единствен во светот во однос на пенализацијата на докторите и се разликува од другите системи базирани на наградување”, изјави Калина Старделова од Независниот сидикат на лекарите за Гласот на Америка на македонски јазик.

Ова што го прави Министерството за здравство е антиреформа без ниту еден критериум за квалитет - само беспоштедно форсирање на обемот на работата, што ќе има негативен ефект на услугите и реперкусии за пациентите, а ќе му наштети и на балансот на и така редуцираниот буџет.
Калина Старделова, Независен синдикат на лекарите
Според неа, станува збор за воведување на систем кој не препознава квалитет.

Минстерството за здравство, пак, категорично држи став дека предложената реформа ќе ги подобри услугите во јавните здравствени организации.

„Оваа реформа има за цел да ги наградува лекарите кои чесно и одговорно си ја вршат работата и да ги казнува оние кои не ја вршат работата на тој начин“, изјави министерот Тодоров.

За можностите како би можел да се надмине конфликтот меѓу Министерството и лекарите, одговор побаравме од двете страни. Министерството до денеска не одговори на нашето прашање. Лекарите, пак, со став дека би биле согласни на секаков модел што веќе еднаш успешно бил имплементиран во праксата на демократски развиените држави.

“Компромис е лесно да постигнеме, доколку се обезбеди квалитетна јавна расправа преку соодветните здруженија и стручни асоцијации, и, нормално, преку социјален дијалог со соодветниот партнер како синдикатот”, вели Старделова.

Лекарите кои штрајкуваат се едногласни дека немаат намера да го прекинат штрајкот се` додека не се изнајде решение што пред се` ќе го препознава, стимулира и наградува квалитетот на лекарската професија, без разлика на, како што вели Старделова, финансиските имликации.

Во интервју за неделникот „Република“, министерот Тодоров елаборираше дека се обидува да спроведе систем кој тој го квалификува како - пациентричен.

„Тоа е суштина на здравството. На еден начин се прави рамнотежа меѓу квантитетот, нивото на вложен труд на здравствените работници во една здравствена установа” вели Тодоров во интервјуто. Според него, не смее да се дозволат ситуации во кои еден здравствен работник ќе го носи целиот товар на работата на свој грб, а некој друг со помал труд, како што наведува самиот, “ќе се шлепа на него”.

Министерот им се закани на лекарите дека ќе сносат санкции доколку продолжат со штрајкот, кој, според него, им прави штета на пациентите. Лекарите одговорија дека немат намера да отстапат од барањата, и покрај заканата.

Деновиве, за време на штрајкот, на терен излезе Државниот инспекторат, кој, како што соопшти, констатирал повреди на правата на пациентите.

„Во моментов, македонското јавно здравство се соочува со дефицит на стручни кадри. И во нормални услови, а не во услови на штрајк, постојат листи на чекање. Во услови на штрајк, поради намалениот обем на работа, можни се извесни пролонгирања, но тоа никако не е и не смее да биде правило“, вели Старделова.

Тодоров ги обвини лекарите дека штрајкот има политичка позадина и дека е резултат на иницијатива на поединци кои имаат политички и финансиски интереси. Лекарите ги отфрлија ваквите обвинувања и велат дека врз нив се вршат притисоци за да се откажат од штрајкот.

„Здравствените власти во својата немоќ реално да го решат проблемот што самите го искреираа во еден чисто професионален револт се обидуваат да вметнат политика како добро познат метод на диксредитација”, коментира Старделова, нагласувајќи дека притисоците нема да ги поколебаат лекарите.

По протестот на лекарите кој се случи за време на викендот пред Владата, за првпат се огласи и премиеорт Никола Груевски. Тој изјави дека овој проект не е нов, односно дека се применува повеќе од пет месеци, а се подготвувал неколку години. За евентуалната средба со специјалистите, Груевски кажа дека би им укажал на низа аргументи кои го оправдуваат моделот. И тој, како и министерот Тодоров, смета дека преку штрајкот, некои поединци сакаат да остварат политички поени во пресрет на изборите напролет.

„Може да штрајкуваат со месеци, со години, ние не им го оспоруваме тоа право. Ама, мора да најдеме начин да се справиме со уцените кои се` почесто ги слушаме од одредени поединци“, рече Груевски.

Во врска со актуелните проблеми се огласи и меѓународната информативна здравствена мрежа Хелтгрупер. Според нив, не постои успешен модел за плаќање по учинок. Еден од авторите на студијата на оваа организација, поранешниот заменик-министер за здравство Владимир Лазаревиќ, бара од Министерството да направи независен извештај за досегашната примена на учинокот, да ги вклучи лекарите во процесот на дизајнирање на проектот, како и да дефинира параметри што ќе го мерат успехот на реформите.
XS
SM
MD
LG