Линкови за пристапност

МПЦ-ОА ја послуша Руската православна црква

  • Синиша Станковиќ

Поглаварот на МПЦ-ОА, г.г. Стефан

Поглаварот на МПЦ-ОА, г.г. Стефан

Светиот синод побара од македонските власти милост за затворениот владика Јован

„Светиот архиерејски синод на Македонската православна црква – Охридска архиепископија, служејќи му на Бога, кој преку светиот пророк Осија, вели: Јас повеќе сакам милост, отколку жртва, и потсетувајќи се на зборовите на Спасителот `одете и научете се што значи: Милост сакам, а не жртва`, раководен од духот на човекољубието, а заради повисоки цели, ги повикува надлежните власти на Република Македонија за милост во однос на затворениот поранешен митрополит Јован, кој и покрај престапите поради кои е осуден и одлежува затворска казна, во овие свети предбожикни денови, не треба да биде лишен од надежта за милосрдие“, се вели во соопштението со кое архиереите на МПЦ-ОА од властите на Република Македонија побара да покажат предбожиќна милост кон челникот на Православната охридска архиепископија (ПОА).

Така, МПЦ-ОА се приклучи кон повеќегодишните барања на православните цркви во светот (но, и на невладините организации од Македонија кои сметаа дека се работи за политички мотивиран прогон или на активистите за човекови права кои тврдеа дека се работи за политички осуденик), за ослободување на нејзиниот расчинет архиереј, а сега поглавар на ПОА, владиката Јован (Вранишковски). До пресвртот дојде откако Македонија ја посети претседателот на Одделот за надворешни работи на Московската патријаршија, митрополитот Волоколамски г. Иларион (Алфеев), којшто, според медиумите меѓу другото, понудил посредништво на Руската православна црква (РПЦ) во спорот меѓу Македонската и Српската православна црква.

Претходно, рускиот митрополит, со благослов на Патријархот московски и на цела Русија г.г. Кирил, во Клиничкиот центар се сретнал со владиката Јован, а потоа и со претседателот Ѓорге Иванов и со премиерот Никола Груевски, за што извести официјалниот сајт на РПЦ и Одделот за надворешни црковни врски на Московскиот патријарх. Рускиот патријарх, којшто во Македонија бил придружуван од амбасадорот на Руската федерација во Македонија, Олег Шчербак, и на средбата со поглаварот на МПЦ г.г. Стефан побарал и тој да се ангажира за ослободување на г.г. Јован, како услов за продолжување на дијалогот.

И, откако Светиот синод на МПЦ официјално соопшти дека македонските архиереи „со благодарност ја прифатиле иницијативата на Руската православна црква, која изрази подготвеност да даде свој придонес за обновување и успешно реализирање на дијалогот меѓу МПЦ-ОА и Српската православна црква за решавање на отворените прашања кои постојат меѓу двете цркви“, раководството на МПЦ-ОА го промени својот досегашен цврст и непопустлив став во поглед на расчинетиот владика и побара негово помилување од цивилните власти, со образложение дека - „повикот за милост на Врнишковски е заради повисоки цели“.

На досегашните разгледувања на ситуацијата со расчинетиот владика, македонските архиереи расправаа и за евентуално ослободување на расчинетиот владика, како чин на добра волја за затоплување на односите меѓу СПЦ и МПЦ-ОА, при што двајца од членовите на Синодот и јавно ја поддржаа ваквата определба, за да се продолжат преговорите со СПЦ за признавањето на автокефалноста на МПЦ-ОА. Сепак, официјален став на МПЦ-ОА досега беше дека пресудата на Јован е под ингеренција на судските власти.

Но, во наводен временски теснец поради скорешното пристигнување на одлуката на судот од Стразбур во корист на осудениот архиепископ на ПОА, неофицијално, по средбите на рускиот митрополит Иларион со државните и духовните лидери, Синодот на МПЦ-ОА го променил досегашниот став и донел своја одлука (според дел од медиумите, со девет гласа на архиереите - „за“ и два - „против“) да се побара ослободување на владиката Јован и започнување на преговорите со СПЦ.

Како реакција, излезе соопштението на Православната охридска архиепископија на г.г. Јован што наведува дека „јавното барање Архиепископот охридски и Митрополит скопски г.г. Јован да биде помилуван од затворската казна, кое на 22 декември 2014 година го објави МПЦ, непризната од останатите Цркви, го цениме како значаен чекор кон воспоставувањето дијалог за канонскиот статус на таа црква, во семејството на признатите православни Цркви“. Истовремено, ПОА изразува жалење „што се изгуби толку многу скапоцено време и се направија толку големи и болни жртви, но веројатно за цената на единството на Црквата не е ништо ни премногу, а не е ништо ни преголемо. Црквата е сепак Христова и Тој се грижи за неа повеќе од сите епископи на светот заедно“, се вели во соопштението објавено на Интернет-страницата на ПОА.

Засега, нема официјални реакции ниту од кабинетот на претседателот на Македонија, ниту од оној на премиерот, како ни од поглаварот на МПЦ-ОА, но со оглед на децидниот став на владиката Јован да не побара самиот ослободување, на потег е претседателот Иванов, којшто може да го вклучи и неговото име во списокот на помилувани за новогодишните и божикните празници. Чекор кон ваков компромис, може да биде и префрлувањето во втор план на црковното судење коешто СПЦ го најави за македонскиот архиепископ г.г. Стефан.

XS
SM
MD
LG