Линкови за пристапност

„Трилогиjа Романа“ ќе го отвори „Охридско лето“


„Трилогиjа Романа“ ќе го отвори „Охридско лето“
„Трилогиjа Романа“ ќе го отвори „Охридско лето“

Спој на музика и светло, слики и движење во изведба на Македонската филхармонија и продукција на шпанската компанија Ла Фура делс Баус

Шпанската опера „Трилогија Романа“ ќе го отвори 51-то издание на фестивалот „Охридско лето“. На прес-конференција во Скопје, музичкиот селектор на фестивалската програма Гордана Јосифова-Неделковска информираше дека делото на Оторино Респиги ќе го изведе Македонската филхармонија, во продукција на шпанската компанија Ла Фура делс Баус.

„Посебна гордост е тоа што оваа изведба ќе биде дел од светската премиера на ова дело која ќе се случува на 17-ти јуни во Валенсија, на 2-ри јуни во Рим, и, секако, на 12-ти јули во Охрид“, рече Јосифова-Неделковска.

Во трилогијата Респиги создава сопствен, безгранично поттикнувачки јазик, исполнет со имагинација. Капиталното музичко дело го сочинуваат „Фесте Романе“ од 1926-та година, „Фонтане ди Рома“ од 1916-та и „Пини ди Рома“ од 1924-та година.

„Компанијата Ла Фура делс Баус го реализира овој проект со желбата само да се даде светло на една симфонична поема, да остават да ги понесе музиката и да ја восприемат содржината и сето тоа со јасна замисла: да нема ниеден актер на сцена, никој да не и го украде протагонизмот на музиката и светлото, на сцена да биде само диригентот и музичарите од оркестарот“, истакна музичкиот селектор на „Охридско лето“.

Музиката на Респиги дозволува токму музичарите да бидат големите протагонисти, со кореографија што произлегува од велелепноста на партитурата. Околу музичарите ќе бидат монтирани екрани кои ја примаат светлината од видео-проектори што произведуваат слики на вода, скулптури, борови, фигури и сенки во постојано движење. Целиот проект е реализиран на таков начин што централната улога ја има имагинацијата: публиката да ги визуелизира светлосните линии што доаѓаат од звучните бранови произведени од симфонискиот оркестар, а во исто време да ги реинтерпретира идеите на Респиги додека го компонирал делото. Се работи за спој на музика и светло, слики и движење.

Ла Фура делс Баус е компанија која уште од основањето во 1979-та пристапува кон нови предизвици во сценските уметности, а досега организирала перформанси во Бразил, Колумбија, Австралија, Кина, Русија, Италија, Холандија, Шпанија и други земји. Во 2011-та, компанијата премиерно ќе изведе седум нови оперски дела, а во исто време ќе заживее четири стари опери и ќе има свои настапи во Дубаи, Исланд и Кореја.

XS
SM
MD
LG