Линкови за пристапност

Бостон ги расипа сметките на Њујорк


Победи во гости, го намали резултатот на 3:2

Бостон селтикс со 92:86 ги поразија Њујорк никс во Медисон сквер гарден и се изборија за шести натпревар во серијата „најдобар од седум“ во првото коло на НБА плејоф-фазата. Кај „зелените“ блеснаа ветераните Пол Пирс со 16 и Кевин Гарнет со 18 коша. Најпрецизен меѓу Њујоркчани беше Кармело Ентони со 22 поена, но со многу лош процент на реализација.

Индијана пејсерс беа подобри од Атланта хокс и ги декласираа со 106:83. Предноста на домашен терен беше дополнителен поттик за Дејвид Вест, кој беше незапирлив со 24 поени. Кај поразените, најдобри на паркетот беа Џош Смит и Ал Крафорд со по 14 коша. Следниот меч се игра во Атланта. Серијата е 3:2 за Индијана.

Во третиот синоќешен дуел, Хјустон рокетс не дозволија пораз и автоматска елиминација од Оклахома тандер, и покрај 36-те поени на ѕвездата Кевин Дурант. Гостите од Тексас доминираа во текот на целиот меч и на крај славеа важна победа од 107:100. Најдобар меѓу нив, поранешниот играч од Тандер, Џејмс Харден, со 31 поен. Резултатот во серијата сега е 3:2 за Оклахома, но по двете последователни победи на Рокетс, неизвесно е кој ќе продолжи понатаму. Следниот натпревар се игра в петок во Хјустон.

Вечерва играат: Бруклин нетс - Чикаго булс и Денвер нагетс – Голден стејт вориорс.
XS
SM
MD
LG