Линкови за пристапност

Казнета Општина Делчево


Прва пресуда воошто во Македонија за дискриминација врз основа на ментална и телесна попреченост

Општина Делчево ќе остане запишана во историјата како првата во Македонија којашто е казнета за дискриминација врз основа на ментална и телесна попреченост.

Семејството на 18- годишниот Роберт од Делчево, момче со аутизам, докажало дека Општината не го почитувала Деталниот урбанистички план и не изградила пешачката патека и тротоар, поради што тој не можел да излезе од дома и непречено да се движи.

„Многу сум благодарен за пресудата. Досега од Општината само ме лажеа дека ќе ја направат улицата, а потоа и дека не е приоритет. Сега чекам правосилност на пресудата и се надевам дека ќе ја направат“, вели Виктор Миленковски, родител на аутистичното дете.

Одлуката на Основниот суд во Делчево, всушност е првата пресуда воошто во Македонија за дискриминација врз основа на ментална и телесна попреченост.

„Оваа пресуда значи многу и очекувам во иднина да се смени ставот на институциите кон лицата со попреченост“, вели адвокатката Јасна Арангеловиќ, којашто заедно со Бојан Ѓуровски, инаку дел од тимот на Македонското здружение на млади правници, го застапувале Миленковски.

За Македонското здружение на млади правници, од правен аспект, пресудата е многу значајна, бидејќи е прва со која „се утврдува дискриминација со директна примена на Законот за спречување и заштита од дискриминација, како и прва пресуда во Република Македонија со која се утврдува дискриминација врз основа на телесна и ментална попреченост, сторена со пропуштање да се преземат дејствија за прилагодување на инфраструктурата и просторот и обезбедување на добра и услуги на лице со посебни потреби“.

За здружението е уште поважна пораката што се испраќа.

„Првостепениот суд покажува еден вид сензибилитет за лицата со ментална и телесна попреченост. Факт е дека овие лица во Македонија тешко ги остваруваат права за пристап до добра и услуги, односно дека инфраструктурата во земјава не ги задоволува нивните потреби“, оценува Aранѓеловиќ.

Општината сега е должна да ја отстрани повредата на правото и да ја прилагоди инфраструктурата и просторот, како и да му надомести на тужителот и нематеријална штета за претрпен страв и душевни болки. Оттаму не ја коментираат пресудата. Единствено велат дека по судското задолжување е даден налог на ЈП да ја изгради патеката.

XS
SM
MD
LG