Линкови за пристапност

Лекува деца преку спортска опрема


Десет проценти од продажбата на опремата што ја прави Мариа Дибиаџо во Њујорк, оди за маргинализирани групи во Македонија

Мариа Дибиаџо од Њујорк произведува спортска опрема, а десет проценти од продажбата ги донира за маргинализирани групи во Македонија.

Таа е македонска иселеничка во САД веќе четврта година, а хуманитарна активност ја почнала во 2014 година, првпат помагајќи им на деца со оштетен вид во Скопје.

„Традицијата ни почна од 2014 година, а мислам дека им помогнавме на околу 13 до 14 деца со оштетен вид, кои беа дел и од нашата розова трка за собирање донации, тогаш првпат организирана во Крива Паланка. Така му помогнавме на Јоце Блажевски, за да ја направи последната операција со матични клетки во Москва“, вели Мариа.

Мариа се инспирирала да прави опрема за трчање и велосипедизам, со која ќе и помага на Македонија, преку хуманитарните трки низ САД, најчесто за собирање пари за луѓе болни од рак.

„Дефинитивно Америка, како држава и како континент, ме има инспирирано и ми има дадено многу можности, кои ги имплементирам назад во Македонија. Јас се надевам дека многу луѓе, кои ме следат на Фејсбук и на Инстаграм, се дел од оваа интересна приказна за комбинацијата Македонија-Америка“, раскажува таа.

Во нејзината спортска колекција од неодамна има и детски маици, а преовладува розовата боја, по која е именувано и нејзиното хуманитарно здружение „Pink support“.

Опремата ја дизајнира во Њујорк, а ја шие во сопствената конфекција во Македонија.

„Јас бирам многу светли бои. Светли, храбри бои. Розевата боја е најмногу застапена, која според мене, е боја која претставува нежност, ведрина и чистота. Сакам луѓето кои купуваат производи од Дибиаџо да се чувствуваат удобно, без разлика дали се женски или машки пол“, открива Мариа.

Нејзина желба е да помогне на што повеќе деца, како и да ја крене свеста за спорт и за здрав живот.

„Решив дека сакам да имам здружение, преку кое, дел од парите од производството ќе направат разлика во нечиј живот. Можеби нема да биде огромен број на луѓе, но тие неколку луѓе ќе бидат дел од моите активности и ќе бидат подготвени да бидат дел од нашите идни проекти“, рече Мариа.

Годинава, планира да направи хуманитарни трки и за децата од руралните средини низ државта.

XS
SM
MD
LG