Линкови за пристапност

Дебелина околу стомакот – сигнал за зголемен ризик по здравјето


Дебелина околу стомакот – сигнал за зголемен ризик по здравјето
Дебелина околу стомакот – сигнал за зголемен ризик по здравјето

Убедливи докази дека стомачна дебелина може да биде особено опасна за лица кои имале срцев удар

Во една од најголемите студии од овој вид, научници од клиниката Мајо во Рочестер, Минесота, откриле дека лицата со срцево заболување со само мало количество на маснотии во пределот на стомакот, имаат двојно поголем ризик за смрт, споредено со лица со маснотии распроедени по другите делови од телото.

Тимот научници предводен од Франциско Лопез-Џименез ги анализирале податоците од пет претходни студии врз речиси 16.000 пациенти ширум светот кои преживеале срцев удар.

Лопез-Џименез истакнува дека научниците сакале да предвидат каква ќе биде идната здравствена состојба на овие пациенти, базирано на тоа каде се распоредени маснотиите по телото.

„Откривме дека пациентите со поголемо ниво на маснотии во пределот на стомакот се изложени на ризик од смрт од 25 до речиси 70 проценти, споредено со оние со нормално ниво на маснотии по телото“, вели Лопез-Џименез.

Додека прекумерната телесна тежина долго време се поврзува со кардиоваскуларните заболувања, научниците велат дека се` уште не знаат точно зошто токму маснотиите во пределот кај стомакот го зголемуваат ризикот за смртност споредено со маснотиите што е порамномерно распоредена по другите делови на телото, како нозете и задникот. Лопез-Џименез додава дека се чини оти маснотиите кај стомакот се повеќе „метаболично активни“ предизвикувајќи зголемено ниво на холестерол и висок крвен притисок.

„Сите овие фактори влијаат за појава на срцев удар. За некој кој веќе имал срцев удар, веруваме дека овие фактори само ќе ја влошат ситуацијата“, изјави Лопез-Џименез.

За среќа, велат експертите, маснотијата во пределот на стомакот е најлесен вид на маснотија да се изгуби. Повеќето луѓе тоа го прават со ниско-калорична исхрана и редовна физичка активност.

Написот за зголемениот ризик од срцев удар кај пациентите со поголемо ниво на маснотии во пределот на стомакот е објавен во Журналот на Американскиот колеџ за кардиологија.

XS
SM
MD
LG