Линкови за пристапност

Кафето корисно против ракот на простата


Кафето корисно против ракот на простата
Кафето корисно против ракот на простата

Тврди ново истражување што опфатило 50.000 мажи

Мажите кои пијат многу кафе се со помал ризик да добијат потенцијално фатален рак на простата, тврди ново истражување.

50.000 мажи за потребите на студијата на секои четири години пополнувале прашалник за конзумирањето на кафе. По повеќе од две децении, резултатите покажуват дека оние кои пијат умерени количини биле со помала веројатност да развијат каква и да е форма на рак на простатата. Меѓутоа, главната авторка на студијата, Кетрин Вилсон од Катедрата за јавно здравје на Универзитетот Харвард, наведува дека вистинската разлика се покажала кога научниците ги разгледале посериозните случаи на рак на простата.

„Мажите кои пиеле шест или повеќе чаши кафе дневно, биле со 60% помал ризик за агресивна форма на ракот на простата, споредено со мажите кои воопшто не пиеле кафе. Го регистриравме ова намалување на ризикот и кај обичното, и кај кафето што не содржи кофеин“, вели Вилсон.

Кафето е хемиски сложена мешавина, полна со антиоксиданти и други состојки што можат да влијаат против појавата на рак на простатата. Овој вид е втор најчест рак кај машката популација ширум светот, а од него умираат 250.000 луѓе годишно.

Вилсон вели дека не е јасно која состојка или состојки во кафето го намалуваат ризикот, така што тоа е целта на следните истражувања. Па сепак, таа подвлекува дека е прерано да се каже дека мажите треба да пијат повеќе кафе само за да го намалат ризикот од агресивна форма на рак на простата. Но, додава дека постојат се` поголем број научни докази дека кафето носи најразновидни придобивки за здравјето.

„Не е штетно во однос на срцевите заболувања или мозочниот удар, и, се чини, служи како своевидна заштита за појава на рак на црниот дроб, а поврзано е и со помал ризик од дијабетес два“, вели Вилсон.

Истражувањето е објавено во Интернет-изданието на Журналот на Националниот институт за борба против ракот.

XS
SM
MD
LG