Линкови за пристапност

Пожар ја оштети фасадата на Владата на РМ

  • Борјан Јовановски

При заварување за време на реконструкцијата; материјалната штета незначителна, според првичните информации

Во зградата на Владата на Република Македонија изутрината избувнал пожар, при што била причинета незначителна материјална штета.

Според првичните информации во медиумите, до пожарот дошло за време на заварувањето како дел од реконструкцијата на фасадата на владиниот објект. Бил зафатен лесно запалив материјал. Во делот на објектот каде избувнал пожарот немало вработени, а во гаснењето учествувале шест пожарникарски возила.

Командантот на Бригадата за противпожарна заштита на Град Скопје, Благоја Менковски, соопшти дека пожарникарите не дозволиле проширување на пожарот на првиот кат на зградата.

Новата барокна фасада на Владата по вторпат последниве две недели се најде во медиумските извештаи. Ноќта на 28-ми октомври беше пукано во зградата на Владата, со што беше нанесена штета на фасадата. Министерството за внатрешни работи се` уште трага по лицето или лицата одговорни за двата прокетила. Минатата недела, одговорност презеде организација што во медиумите се претстави како НОА (Народноослободителна армија).

„Вечерта на 28-ми октомври, од 20.30 до 21 часот, елитната единица „ Хасан Приштина“ во координирана акција ја погоди зградата на Владата. Времето на нападот е избрано за да се спасат човечки жртви“, стои во соопштението потпишано од извесен Куштрим. Во соопштението се наведува и дека НОА не е задоволна од реализацијата на Охридскиот рамковен договор и дека Албанците во Македонија се обесправени.

XS
SM
MD
LG