Линкови за пристапност

Има ли излез од политичката криза?


Колкав е капацитетот на македонските институции и на меѓународните фактори? Дали враќањето во Собранието е клучно?

Македонија веќе еден месец се наоѓа во политичка криза - опозицијата ги интензивира протестите, без намера да се откаже од своето барање за вонредни парламентарни избори, за да се врати во Собранието. Владата, пак, е децидна дека нема намера да закажува други избори, покрај локалните. Не успеа ни обидот на ЕК, која преку директорот на Директоратот за проширување, Стефан Санино, се обиде со својот авторитет да им помогне на власта и опозицијата да ги доближат ставовите. Ниту директната средба Груевски – Црвенковски, судејќи според дијаметрално спротивните изјави, не даде плод.

Гласот на Америка на македонски јазик разговараше со познавачи на состојбите во Македонија за начинот на кој земјата би излегла од кризата.

„Состојбата е многу сериозна. Институциите во државата, заедно со севкупната меѓународна заедница, немаат капацитет да го решат овој проблем. Првите затоа што одамна престанаа да делуваат како институции во демократско граѓанско општество во кое интересите на граѓаните се пред интересите на политиката и поединците. Тука ги вбројувам сите инстанци на власта - и Собранието, и Владата, и судството. Сите тие потфрлија во настаните на 24-ти декември. Меѓународната заедница настојува да води прагматична политика, заснована на потребата да се забележи позитивен резултат. Нивниот позитивен резултат не значи и нужно решавање на проблемите. Решенијата не се бараат, или се одлагаат. На овој начин, проблемите ќе останат и ќе ескалираат, со нив ќе треба да се справиме ние самите, и тогаш кога претставниците на меѓународната заедница ќе заминат”, ни рече Слаѓана Тасева, претседателка на македонската филијала на меѓународната организација Трансперентност.

Во контекст на ваквите нејзини ставови, Тасева предлага јавноста да не се потпира премногу на меѓународната заедница како фактор што постојано ќе и` помага на Македонија кога се наоѓа во криза, како што тоа беше случај во деведесеттите, или почетокот на минатата деценија.

„Она што ни недостасува е да се свртиме кон себе, да погледнеме кон капацитетите со кои располагаме и да се обидеме сами да побараме излез од кризата. Ние, граѓаните треба да им понудиме платформа за разговор на политичарите. Можеби ова е утопија, но вреди да се проба”, вели Тасева.

Едмонд Адеми, првиот човек на Институтот за политички и економски истражувања Либерта, смета дека единствено решение за излез од кризата се предвремените парламентарни избори. Во изјавата за Гласот на Америка на македонски, Адеми потенцира: „По 24-ти декември, во Македонија веќе ништо не е како било, ниту ќе биде како било, тоа е денот кога владејачката коалиција ДПМНЕ-ДУИ ја закопа демократијата, ги закопа институциите, го силуваше уставот и законите, ја силуваше државата. Не постојат ветувања или фрази за некаква си европска ориентација. Ова е тотален пораз за демократијата. Повиците на владејачките партии до опозицијата, да се врати во Парламентот и низ институции да го води политичкиот дијалог, во најмала рака се перверзни. Кои институции? Кој парламент? Кој дијалог? Не дека опозицијата тоа го бара, но искрено, освен со предвремени парламентарни избори, фер и демократски избори, друг излез од оваа политичка криза која ја создадоа политичките сијамски близнаци ДПМНЕ-ДУИ - не гледам. Било која друга опција, и варијанта, како избори без опозиција, глумење дека ништо не се случило, дека се` е нормално, ќе биде погубно по целата држава, а вината од еден таков развој на настаните ќе ја сносат ДПМНЕ и ДУИ, без исклучок“.

За разлика од Адеми, Жидас Даскаловски од Центарот за политички истражувања мисли дека нема потреба од предвремени парламентарни избори и дека излез од кризата би биле локаните избори, закажани за март.

“Изборите сами по себе ќе го регулираат конфликтот и ќе го внесат во нормални институционални води. Се` друго е бесполезно трошење на енергија, време и ресурси на опозицијата. Само на демократски избори може вољата на народот да казни или да потврди една владејачка гарнитура” ни рече Даскаловски.
XS
SM
MD
LG