Линкови за пристапност

Шенген-зоната на крстопат


Шенген-зоната на крстопат

Шенген-зоната на крстопат

Евентуалното укинување ќе биде погубно за туризмот и економијата во време кога Европа бара излез од финансиската криза

Во време кога Европа се` уште ја потресува финанската криза во еврозоната, единството и солидарноста на Стариот континент се пред уште еден предизвик – шенгенската зона за патување без визен режим. Илегалната имиграција, слабата контрола, корупцијата, загриженоста за суверенитетот сите заедно се закануваат на концептот Европа без граници.

Европејците денес го земаат здраво за готово користењето на еврото во 17 држави кои ја прифатија единствената европска валута. Тие ретко се замислуваат дали им е потребен пасош да минат граница во одредени земји од Шенген-зоната. Проектот започна пред повеќе од една деценија и беше насловен како „патување без пасош“ или Шенген-зона, а во која сега членуваат 25 земји, вклучувајќи ги и Швајцарија и Норвешка, иако не се дел од ЕУ.

Комесарот на ЕУ за внатрешни работи Сесилија Малмстром, која сака да постави нови правила за Шенгенот, тврди дека придобивките се огромни.

„Постои генерален договор за важноста на Шенгенот и можностите кои им ги нуди на жителите од Шенген-зоната од аспект на слободата на движењето. Сепак, мора да го заштитиме ова извонредно достигнување. Тоа е важно за бизнисите, го олеснува животот и ни донесе големи бенефиции“, вели Малмстром.

Па сепак, одржливоста на Шенген е ставена под знак на прашање. Минатата недела, членките на ЕУ го блокираа влезот на Романија и Бугарија во зоната со образложение дека не сториле доволно во борбата против корупцијата, криминалот и илегалната имиграција.

Загриженоста поради имиграцијата ја поткопува и поддршката за зоната во земји во кои веќе припаѓаат во неа, како Шпанија, Германија, Данска и Франција.

Деновиве, антимиграциони политичари како Бруно Голниш од француската ултра десничарска партија Национален фронт ја придобиваат поддршката на јавноста со аргументи дека Шенген-зоната мора да биде поцврста или пак целосно укината.

„Во Франција веќе имаме милиони имигранти и многу социјални проблеми и мислам дека земјата е пренаселена во предградијата и големите метрополи и треба да водиме поинаква политика“, наведува Голниш.

Грција, која е во средиштето на проблемот со презадолженост во ЕУ, има најпорозна граница во Шенген-зоната. Стручњаците велат дека мнозинството илегални имигранти ја минуваат нејзината граница со Турција.

Експертот за имиграциони прашања Хуго Брејди од Центарот за европски реформи во Брисел, вели дека не само што грчката криза ја потресе европската доверба, туку и имиграцијата претставува сериозен проблем:

„Ако еврозоната се распадне, што во моментот не се исклучува како можност, резултатот од политичката и економска катастрофа ќе се пренесе и врз други големи проекти како Шенгенот. Граѓаните размислуваат - Грците буквално ги уништија следните 10 години и како да им веруваме за нешто почуствително, како граничната и имиграциона политика?“, коментира Брејди.

Овој аналитичар верува дека европските земји треба да ја реформираат Шенген-зоната и да воспостават подобар систем за контрола на границите. Иако шансите за укинување на Шенген-зоната во догледно време се мали, тој наведува дека таквото нешто би било погубно за европскиот туризам и економија, во време кога регионот се обидува да најде излез од финансиската криза.

XS
SM
MD
LG