Линкови за пристапност

Односите со соседите во фокусот на македонската дипломатија во 2015-та

  • Борјан Јовановски

Клучно ќе биде прашањето со Грција, најави министерот Попоски на годишниот состанок на амбасадорите

2014-та беше оценета како успешна година за македонската дипломатија на редовното годишно заседание на амбасадорите, на коешто воедно и се дефинираа приоритетите за 2015-та. Министерот за надворешни работи на Република Македонија, Никола Попоски, посебно ги нагласи успесите на економската дипломатија којашто, како што кажа, донела многу резултати.

„Регионот и односите со соседите ќе бидат од посебно внимание на македонската дипломатија во наредната година. Добра можност ќе биде и нашето претседавање со Централноевропска иницијатива“, рече министерот Попоски.

Тој најави дека голем предизвик наредната година ќе бидат односите со Грција и дека клучно прашање ќе биде спорот за името. Но, коментираше дека за танго се потребни двајца.

„На заклучоците од Советот на Европската унија пристапуваме крајно сериозно, било да се работи за владеење на право, судство или друго прашање. Факт е дека ни се потребни реформи во многу области да станеме членки на ЕУ, но нема ниту еден од упатените фактори што дал поинаква дијагноза, а тоа дека нивото на мотивираност не е на доволно високо ниво кај нашиот сосед за да имаме реални дискусии за надминување на спорот, сепак, тоа не значи дека во даден момент нема да се создаде клима за надминување на спорот, изјави шефот на македонската дипломатија.

Попоски инормираше и дека ќе се работи и на договорот за добрососедски односи, за што се залагаат и претседателите на Македонија и Бугарија, Иванов и Плевнелиев, а ќе продолжи и економската активност на дипломатско-конзуларните претставништва.

„Во 2015-та година, амбасадорите ќе ја продолжат трката по странски инвестиции, зашто токму економската дипломатија се покажа како силна страна“, изјави Попоски.

XS
SM
MD
LG