Линкови за пристапност

Mакедонската група во Конгресот сега брои 15


Најнови членови – републиканците Тибери и По и демократот Ларсон

Демократскиот конгресмен Џон Ларсон од Конетикат и неговите републикански колеги Патрик Тибери од Охајо и Тед По од Тексас се тројцата нови членови на македонската група во Конгресот, која сега нарасна на 15.

Заклучно со тројцата законодавци, пријателите на Македонија во Претставничкиот дом доаѓаат од девет сојузни држави и една американска територија.

Конгресменот Ларсон го отслужува својот седми мандат и важи за пријател на македонско-американската заедница во Конетикат. Тој беше еден од потписниците на писмото до претседателот Барак Обама за поддршка на членството на Македонија во НАТО, објавено пред самитот во Чикаго.

Конгрсменот По, чиј потпис на најде на истото писмо, е член на Комисијата на Претставничкиот дом за надворешни работи и претставува област околу Хјустон, каде, според Обединетата македонска дијаспора (ОМД), живее се` побројна македонско-американска заедница.

Конгресменот Тибери е шесткратен пратеник од Охајо – домот на една од најбројните македонски иселенички заедници во САД.

Објавувајќи ја веста за пристапувањето на тројцата конгресмени, претседателот на ОМД Мето Колоски кажа дека гласот на македонската заедница се` повеќе се слуша:

„Самото постоење на оваа група и употребата на зборот Македонија во неа е од огромно значење за нашата кауза. Ние имаме цел таа група на пријатели на Македонија во Конгресот да расте, за да се продлабочат односите меѓу Македонија и САД“, изјави Колоски.

ОМД очекува до крајот на годината бројот на конгресмени -пријатели на Македонија да достигне 20.
XS
SM
MD
LG