Линкови за пристапност

Казни, но какви?

  • Соња Трајковска

Милитанти на ИСИЛ во Рака, Сирија

Милитанти на ИСИЛ во Рака, Сирија

Стручњаци за санкционирањето на лица од Македонија коишто се борат во судири во странство

Откако на почетокот на годинава Македонија воведе затворски казни за врбување на борци за странски војски, Владата минатата недела предложи нови измени во Кривичниот законик со коишто се предвидуваат затворски казни од најмалку пет години за учесниците во странска војска, полиција, паравоена или параполициска формација.

Овој потег не е неочекуван, бидејќи веднаш по првите измени, нивниот предлагач, поранешниот министер за внатрешни работи, сега пратеник Павле Трајанов, најави дека казни ќе има и за учесниците.

„Треба да има казни и за самите учесници, и тие треба да одговараат. За организаторите може да биде повисока, но за секој што ќе учествува треба да има санкција“, изјави Трајанов.

За министерката за внатрешни работи Гордана Јанкулоска, со ова Македонија „застанува во редот на државите кои јасно и недвосмислено испраќаат порака дека секое вакво дејство кое значи закана за глобалната и националната безбедност ќе биде санкционирано со казни кои се доволно строги за да укажат дека нема да се толерира вакво однесување“.

„Со овие измени, на службите за национална безбедност им се ставаат на располагање многу посоодветни и помоќни алатки за борба против глобалните закани по безбедноста и посебно против тероризмот. Воедно, одговараме и на една правна празнина што не беше доволно регулирана, а тоа е санкционирање на македонските државјани кои спротивно на закон ќе учествуваат или ќе се обучуваат од странска војска, полиција, паравоена или параполициска формација, организираните групи кои надвор од територијата на Македонија ќе учествуваат во вакви активности“, истакна Јанкулоска.

Со најавените измени коишто ќе се гласаат по скратена постапка, се предвидува затворска казна од најмалку пет години затвор и за секој што директно или индиректно ќе нуди, дава, обезбедува, бара, собира или прикрива финансиски средства, фондови и опрема наменети за кривични дела од ваков тип. Со најмалку четири години затвор, пак, ќе се казнуваат лица коишто поттикнуваат вакви кривични дела преку пишан текст, аудио-визуелни снимки, социјални мрежи и друг облик на комуникација, а ќе се казнува и помагањето на кривичното дело. Овие казни не се однесуваат на лицата коишто учествуваат во странска војска, а имаат и државјанство на земјата во која се борат, ниту пак, на лицата коишто учествуваат во редовите на странски сили или мисии со чии држави или организации Македонија има договор.

Дали ригорозните казни се решение или можат да бидат контрапродуктивни?

За професорот по меѓународно право Методи Хаџи Јанев искуствата во поголемите европски држави покажале дека ригорозните казни даваат резултат. Според него, во справувањето со овој, како што го нарекува - „феномен“, потребно е следење на трендовите.

„Компаративно гледано, тоа покажува добри резултати. Досега во поголем број во светот тоа влијаеше на одвраќање на намалување на криминалитетот и на тој начин и фактички можеме да кажеме дека оваа мерка може да се смета како мерка за одвраќање или како еден од чекорите кои во иднина би требало да бидат спроведени за справување со овој феномен“, вели Хаџи Јанев.

„Сите ние сме алармирани што наши сограѓани одат и можат да одат да се борат за некакви монструозни групации, да сечат глави, да се објавуваат на снимки... Сите сме против екстремизам и тероризам, ама има демократски, правилен, умен и продуктивен начин да се справуваме со тоа, и има недемократски, неправилен, неумен и контрапродуктивен начин кој може да ни се удри од глава среднорочно“, смета професорката на Правниот факултет во Скопје, Каролина Ристова Аастеруд, која предупредува на исклучителната чувствителност и комплексност на материјата што се сака да се регулира, поради што, според неа, тоа треба да се обмисли и за тоа да се дебатира, а не да се прави, како што вели, „преку трупа“.

Уште едно од прашањата е и: како институциите ќе бидат сигурни дека се работи за припадници на паравоени и параполициски формации?

„Комплексна е и проблематиката што е странска војска и полиција, особено за лицата со повеќе државјанства, па што е тоа паравоена и параполициска формација, особено од аспект и во контекст на дефинирањето на завојувани страни во меѓународното право, правењето разлика дали некој е припадник на терористичка група. Сигурно се потребни сериозни консултации по прашањето колку државите смеат и можат ефективно да им забранат на своите граѓани учество како борци-волонтери во конфликти во други земји, а тоа да не е против својата држава, уште повеќе да ги казнуваат со затворски казни само за таквото волонерско учество, и уште повеќе, ако не ги повредиле правилата на меѓународното хуманитарно право - нешто што е казниво самото за себе, но кое не може да се прејудицира со самото тоа што некој отишол да се бори“, објаснува Ристова Аастеруд, којашто последипломските студии по меѓународно право ги завршила на Универзитетот Џорџтаун.

Таа посочува на неколку други решенија што се предлагаат во светот. Еден од примерите е Велика Британија, каде, како што вели, за заминувањето и борењето во редовите на исламистичките фундаменталистички и терористички групи (по повод она што се случува со ИСИЛ), „актуелно се размислува и се дебатира за решенија од типот на одземање на државјанство на тие лица, недозволување повторен влез во земјата“ или пак програмите за реинтеграција, но на борците, а не на терористите. Но, таа е децидна дека од правен аспект, никаде нема вакви решенија какви што се предлагаат во Македонија. За неа, делови од овие предложени измени на Кривичниот закон се крајно дискутабилни и проблематични, и од аспект на уставната слобода на говорот и изразувањето, и, како што вели, со голема можност за злоупотреба од страна на власта – учеството се казнува со најмалку пет години, додека „вербалниот деликт“ со најмалку четири години, или само една година разлика од минимумот.

Уште на почетокот на годинава, поглаварот на Исламската верска заедница апелираше против војувањето на македонски државјани во Сирија. Реис Ул Улема Хаџи Сулејман ефенди Реџепи и денес е на истиот став.

„Да се брани татковината е света работа. Но, чудно е татковина да биде Сирија. Спротивно на Исламот е да се оди на туѓи фронтови. Татковина на луѓето кои овде живеат, без оглед на националната и верска припадност е Република Македонија“, вели поглаварот на ИВЗ.

Според него, младите коишто војуваат на Блискиот Исток биле врбувани од други лица коишто немаат ништо со традиционалниот Ислам. Повеќето од оние што се приклучиле на џихадистичките сили се платеници, вели тој, објаснувајќи дека потекнуваат од сиромашни семејства. Тој неодамна обелодени дека ИВЗ не контролира две скопски џамии - Тутунсуз и Јаја Пашината и јавно побара помош од МВР, на што министерката Јанкулоска одговори дека „полицијата нема надлежност да проверува дали џамиите се под контрола на ИВЗ“. Поглаварот на ИВЗ нагласува дека не смее да се дозволи странци да вршат проповед во наши објекти, и најави дека ИВЗ ќе ги затвори вратите и за невладините организации.

Министерката за внатрешни работи Јанкулоска вели дека државните институции располагаат само со оперативни податоци за тоа колку колку лица од Македонија учествуваат во паравоени формации, и дека не постои надлежна институција којашто води ваква евиденција, бидејќи ваквото однесување досега не било казниво во земјата.

Во јавноста досега беа објавени имињата на петмина македонски државјани, жртви во конфликтот во Сирија, борејќи се на страната на бунтовниците.

Според неофицијални проценки на земјите во регионот, бројот на доброволците од Босна, Косово, Албанија, Македонија, Србија, Хрватска и од Бугарија е околу 600.

XS
SM
MD
LG