Линкови за пристапност

По точката – неограничен избор?


По точката – неограничен избор?

По точката – неограничен избор?

Најавените промени во Интернет-домените можност за реорганизација на глобалната мрежа

Интернет-корпорацијата за назначени имиња и броеви (ИЦААН), регулаторното тело што ги надгледува Интернет-домените, реши да ги отстрани рестрикциите за суфиксите во адресите. Сопствениците на Интернет-страниците досега можеа да бираат меѓу неколку суфикси, како .com (комерција), .org (организации) или пак .gov (влади). Но, од јануари наредната година, регистрираните инстанци ќе може да креираат сопствени наставки.

ИЦААН ја донесе одлуката на денешниот состанок во Сингапур. Непрофитната организација со седиште во Лос Анџелес треба да започне да прима нови пријави за имињата на 12-ти јануари наредната година.

Наголемо се очекува дека големите компании ќе креираат суфикси според сопствените имиња. Јапонскиот електронски гигант Канон веќе најави дека планира да аплицира за правата за користење на имиња што би завршувале со .канон. Властите во германскиот главен град, пак, наводно изразиле интерес за .берлин.

Новите суфикси отвораат можност за организирање на Интернетот според јазикот, географијата или индустриската гранка.

Бред Вајт, директор на ИЦААН за глобални медиумски прашања, очекува промената да има огромно општествено и комерцијално влијание.

„Ќе овозможи иновација, креативност, брендирање, маркетинг. Не можеме во целост да го предвидиме влијанието, но знаеме дека ќе биде огромно. Исто како што никој не можеше да ја предвиди популарноста на Скајп на пример, или на Фејсбук и Твитер. Одлучивме да ја отстраниме бариерата за иновација“, вели Вајт.

Во моментов постојат 22 генерички домена од највисок вид. .com, .org и .gov се само некои од нив. Постојат и 250 домена на ниво на држави, како .uk за Британија и .cn за Кина, на пример. Со новиот систем се очекува да се појават неколку стотици нови домени од највисок вид.

Покрај интересот на големите корпорации, се очекува да се пријават градови и други видови на заедници. Но, со почетна цена од 185.000 долари за пријавување за домен, нормално е да се очекува дека само оние со подлабок џеп ќе побараат свој. Па сепак, ова е несекојдневна можност комерцијалните брендови да го зајакнат присуството на Интернет и подиректно да ги упатат посетителите на своите страници.

Вајт гледа и друга корист од новите суфикси: „Една од најголемите промени е ширењето на букви од другите азбуки освен латиничното писмо. Оние кои користат кирилица, кинеско или арапско писмо, на пример, сега ќе може да користат свои генерички домени. Веруваме дека тоа драстично ќе го зголеми бројот на корисници на Интернет“.

Кревањето на рестрикциите за домените ќе го смени и начинот на кој досега работеше ИЦААН. Корпорацијата досега ги надгледуваше имињата, но не беше наголемо вмешана во потрнливите прашања во врска со Интернет. Сега ИЦААН ќе контролира како домените оперираат, како се купуваат – и продаваат.

XS
SM
MD
LG