Линкови за пристапност

„Maкедонија – европска земја на можности“


Бизнис-форум во Мајами за привлекување на инвеститори од јужна Флорида, Карибите и Јужна Америка.

„Maкедонија – европска земја на можности“ е работниот наслов на инвестиционата офанзива на владината политичко-економска делегација која се наоѓа во неколкудневна посета на САД и Канада.

Поволната бизнис-клима и можностите за инвестирање во Македонија ќе бидат главна тема на денешниот еднодневен економски форум во Мајами, пред бизнисмени и претставници од американски фирми и корпорации, во организација на Стопанската комора на јужна Флорида.

За големите очекувања од форумот во јужниот дел на САД говори фактот дека високата делегација од Македонија ја предводи премиерот Никола Груевски, кој, според досега изјавеното за време на посетата, во излагањето треба да ја претстави земјата како една од најдобро рангираните држави во светот за водење бизнис, со најниски даноци, безжичен интернет, со признанија од светските економски институции.

Според организаторите, се очекува условите за инвестирање да бидат презентирани пред најмалку 200 компании од машинската, електронската и авионската индустрија, туризмот, фармацелошката, секторот за недвижности, биотехнологијата и производството на храна.

„Како што јужна Флорида станува трговско пристаниште за Јужна Америка, Македонија го добива истиот статус за економиите во подем од Источна Европа“, објаснува за Гласот на Америка на македонски Дана Клајн, почесната генерална конзулка на Република Македонија во Форт Лодердејл и координатор на посетата на премиерот во Мајами.

Растовар на стока од бродови во Пристаништето на Мајами

Растовар на стока од бродови во Пристаништето на Мајами

Таа вели дека силните трговски односи ќе ги отворат пазарите во Јужна Америка за извоз на македонски добра, но и ќе овозможат создавање на нови пазари во Југоисточна Европа за компаниите од јужна Флорида, Карибите и земјите од Јужна Америка.

Клајн потенцира дека Македонија нуди најголем потенцијал со високообучената работна сила, ниското ниво на задолженост, отвореноста за водење бизнис со потпишаните Договори за слободна трговска размена со соседите, но и со земјите од Источна Европа и од Блискиот исток. Почесната конзулка изрази надеж дека ваквите форуми ќе резултираат во продлабочување на деловните контакти и поврзување на јужниот дел од САД со далечната Македонија во правец на остварување на профит од кој интерес ќе имаат сите страни.

Владината делегација веќе оствари контакти со бизнисмени и лица од деловни корпорации во Торонто и Монтреал, а во САД слични економски форуми ќе има во Мајами, Детроит, Атланта, Тампа и Шарлот.

Во владината делегација премиерот Груевски го придружуваат вицепремиерот и министер за финансии Зоран Ставрески, директорот на технолошко-индустриските развојни зони во Македонија Виктор Мизо и министерот за привлекување на странски инвестиции Бил Павлески.
XS
SM
MD
LG