Линкови за пристапност

Новиот британски премиер во Вашингтон


Белата куќа информираше дека тема на средбата меѓу Обама и Камерон ќе бидат и наводите за вмешаноста на Бритиш петролеум во иницијативата за ослободување на бомбашот од Локерби.

Авганистан ќе биде на врвот на дневниот ред на средбата вторникот меѓу американскиот претседател Барак Обама и британскиот премиер Дејвид Камерон, најави Белата куќа.

Портпаролот Роберт Гибс изјави дека обајцата лидери ќе разговараат и за прашањата за кои станало збор на минатомесечниот самит на Г-20 во Торонто, но дека Авганистан ќе биде доминантна тема.

Камерон има намера британските трупи да си заминат од Авганистан не подоцна од 2015 година. Обама го одреди јули 2011 како рок за почеток на повлекување на американските сили од Авганистан, но подвлекувајќи дека процесот ќе се одвива постепено. Обајцата наведуваат дека сакаат да и` дадат време на авганистанската влада да формира сопствени безбедносни сили.

Претставници на Белата куќа информираа дека тема на средбата меѓу Обама и Камерон ќе бидат и наводите за вмешаноста на Бритиш петролеум (БП) во иницијативата за ослободување на бомбашот од Локерби – Абдел Басет ал-Меграхи, кој од хуманитарни причини минатата година беше пуштен од затвор во Шкотска и префрлен во Либија, со образложение дека му преостануваат само уште неколку месеци живот. Американски сенатори тврдат дека БП можеби лобирал кај британската влада да го ослободи овој осуден терорист за да си осигура договор за крајбрежно нафтено дупчење со Либија вреден 900 милиони долари. Меграхи се` уште е жив и во моментов се наоѓа во Либија.

БП негира дека има врска со случајот.

XS
SM
MD
LG