Линкови за пристапност

Тензии на македонско – грчката граница

  • Синиша Станковиќ

Бегалците ја пробиле жичаната ограда, полицијата употребила чадни бомби

Повторно се вжештува ситуацијата на македонско-грчката граница, откако претпладнево, дел од околу 7.000 луѓе кои неколку дена чекаат во неутралната зона за да влезат во Македонија, со сила успеале да ја пробијат жичаната ограда, а полициските сили употребиле чадни бомби и солзавец за да ги оневозможат во намерата. Судирот во кој летале и камења кон полицајците брзо завршил и според последните информации од терен состојбата е смирена, а границата е повторно затворена.

Но, и повторното концентрирање на новинари од светските медиуми во Гевгелија е показател за зголемувањето на тензиите. Бегалците се изморени и според дел од невладините организации кои се грижат за нив, се изложени на лошите временски услови во импровизираниот камп од шаторите кои ги добиваат од волонтерите.

Дел од медиумите објавија и дека бегалците најавуваат блокада на меѓународната железничка пруга од Грција, преку Македонија кон европските земји, а според Кризниот штаб, припадници на логистичкиот одред на македонската Армија, од вчера почнале да го оградуваат патот кој води од Котата 59 до Транзитниот камп со ограда висока 1,5 метри, која ќе го насочува движењето на бегалците кон кампот.

И на северната граница, меѓу Македонија и Србија, неколку стотици бегалци од Авганистан и Ирак, со денови се блокирани и сé уште не се знае дали можеби ќе им се дозволи транзит низ Србија кон земјите на ЕУ, или ќе бидат вратени кон југ, односно во Грција.

Грчкиот министер за миграција Јанис Музалас, изјави во медиумите дека бројот на луѓе кои ќе останат заглавени во Грција може да достигне 70.000 во следните неколку недели, а дека во земјата во монетот веќе има околу 22.000 мигранти и бегалци.

XS
SM
MD
LG