Линкови за пристапност

Војник на АРМ починал на стража

  • Синиша Станковиќ

Зошто официјалното соопштение на Генералштабот е дадено три дена по смртта?

Три дена по смртта на професионален војник на Армијата на Република Македонија (АРМ), при смена на стражарско место, денес Генералштабот (ГШ) испрати официјално соопштение до медиумите, во коешто се вели: „На 16 август 2014 година, околу 01.00 часот за време на редовно извршување на стражарска служба на издвоениот објект на АРМ - „Еребино“, професионалниот војник на АРМ, на 37 годишна возраст, почина при смена на стражарското место. Имено, на професионалниот војник во текот на смената на стражарското место, при качување во моторно возило видно му се слошило, од каде бил веднаш пренесен во Клиничкиот центар во Тетово, каде лекарите констатирале смрт. По наредба на Јавен обвинител, повикан е доктор по судска медицина, од кого е утврдено дека кај професионалниот војник нема надворешни повреди и траги на насилство кои би влијаеле на причината за смртта“.

Во соoпштението, ГШ наведува дека „починатиот професионален војник е примен на служба како здрав и способен за служба, што е утврдено преку систематскиот лекарски преглед. Напоменуваме дека согласно Правилото за обезбедување на објекти, материјални средства и луѓе во АРМ и неговата примена во однос на подготовката на припадниците на АРМ пред извршување на стражарска служба, кај починатиот од страна на лекар е утврдена добра здравствена и психофизичка состојба, пред упатување на стражарска служба“.

Во соопштението до медиумите, ГШ се обврзува и дека со објавувањето на официјалниот извештај за обдукција од Институтот за судска медицина во Скопје, ќе се утврдат причините поради кои настанала смртта кај професионалниот војник, по што Генералштабот на АРМ благовремено ќе ја информира јавноста.

Но, изминативе два дена во медиумите се шпекулираше за причините за доцнењето на официјалниот став на АРМ за смртта на војникот. Откако веста беше објавена на одделни портали, дел од нив добиле најава за официјална информација, но по завршување на свеченоста по повод Денот на АРМ, 18 Август. Тоа предизвика реакции кај дел од медиумите дека информацијата се одложува поради свеченоста за одбележување на празникот. Порталот „Либертас“ објави дека портпаролот на ГШ на АРМ, Мирче Ѓоргоски вчера бил дециден оти ни ресорниот министер, ни началнкот на Генералштабот немале намера да го прикриваат несреќниот случај, туку дека и покрај тоа што истрагата утврдила оти немало знаци на насилство, се чекале резултати од обдукцијата.

Па сепак, пензионираниот полковник и армиски екс-портпарол Благоја Марковски, денес за „Фокус“ изјави дека не разбира „зошто толку време се криеше и АРМ не ја извести јавноста за смртта на професионалниот војник. Не гледам оправдување зошто се криело од саботата и зошто веднаш не се известила јавноста, поготово што Армијата е специфична дејност и вакви работи се случуваат. Излезе дека Генералштабот беше ставен пред свршен чин и објави, кога некој од колегите на починатиот напиша на Фејсбук“.

Повеќе коментари

XS
SM
MD
LG